ДАНЕЛА ДОЈДЕ ДА СЕ ПРОШЕТА ДО ВЛАДА Арсовска пристигнала на средбата без никаков план за помош, дури сега ќе го прави

Министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференцијата по состанокот рече дека сега се позагрижени за состојбата во Град Скопје, отколку пред состанокот со градоначалничката Арсовска.

2,033

Заврши средбата помеѓу претставниците на Владата и скопската градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска и морам да истакнам дека сега сме уште повеќе загрижени, отколку пред почетокот на средбата, вака министерот за локална самоуправа Златко Перински ја започна прес-конференцијата по состанокот.

– Нашите очекувања беа дека од Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби што ние како Влада да помогнеме за тој план да се реализира. Но нивна страна не слушнавме ништо конструктивно. Очајна е состојбата во Скопје, исто и во јавните претпријатија и како генерален заклучок се донесе дека немањето комуникација меѓу советничките групи во Советот е една фаза од препреките за реализацијата на плановите – истакна Перински.






Тој посочи дека Арсовска предложила до крајот на оваа недела да состави некаков план и тој да биде презентиран пред советниците во Град Скопје, а притоа не изрази надеж дека тоа ќе се оствари од страна на градоначалничката.

– Ќе почекаме до крајот на неделата што од нивна страна ќе биде предочено како потреби што оваа Влада ќе може да помогне. И врз основа на тие заклучоци од планот кој ќе биде претставен пред советниците и потоа да интервенираме. Мене ми е многу жал за ваквите состојби во Скопје. Како Влада можевме и да не се мешаме во тековното работење на Градот, но сметаме дека скопјани ни се приоритет и мораме да и на некој начин нешто заедно да направиме – рече министерот.

На средбата било разговарано за две јавни претпријатија, а тоа е ЈП „Комунална хигиена“, како и ЈСП „Скопје“ каде што состојбите се најкритични.

– За десет дена од сега ќе имаме многу поголем проблем со јавниот превоз, бидејќи започнува новата учебна година. Се надеваме на конструктивност, пред сѐ кон советниците и останатите политички чинители на нивно на Град Скопје. Ние како Влада сме тука да помогнеме доколку сметаат на нас. Од страна на Арсовска беше посочено дека претходната Влада нема исплаќано кон ЈСП средства за превоз на студенти и тоа е причина за проблемите во претпријатието. Се надеваме дека ќе имаме разбирање од страна на вработените во Град Скопје, пред сѐ во Советот, а ние стоиме на располагање за сѐ она што можеме да помогнеме – изјави Перински.

Кога станува збор за ЈП „Комунална хигиена“, Перински посочи дека Владата не може ништо да направи во моментот, бидејќи ќе биде кривично дело, затоа што немаат законска основа за тоа.

– Ние не знаеме во каква состојба е „Комунална хигиена“, што се случува таму, со какви капацитети работи. Собирањето отпад е нивна ингеренција. Ние сме разочарани од менаџментот на претпријатието, разочарани сме од менаџментот на Град Скопје. Затоа мислиме дека прво треба да го слушнеме планот на Градот, пред владата да носи заклучоци. Барањето на ЗЕЛС за поделба на двете јавни претпријатија не беше разговарано на оваа средба, а ние бараме правен механизам како тоа би се реализирало – одговори Перински.

Според министерот, градоначалничката Арсовска има рок до четврток да го направи планот кој потоа треба да биде презентиран на редовната седница на Советот на Град Скопје. Потоа ќе бидат донесени заклучоци за тоа како Владата ќе може да помогне или ќе постапат со одземање на ингеренциите во спорните јавни претпријатија.

На новинарско прашање дали Владата ќе ги одземе ингеренциите на јавните претпријатија, Перински рече дека прво ќе почекаат да го видат планот на Арсовска, а потоа ова прашање ќе го разгледаат прво легалистички, односно како би се спровело тоа законски, а потоа и како би се спровело во пракса.

Нагласувајќи дека надлежностите на Градот и градоначалничката се строго регулирани и дека секое непостапување е кривично дело, на прашање дали ќе поднесе кривична пријава против Арсовска, Перински рече:

„Како граѓанин може да поднесам, како министер не“.

Инаку, актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински своевремено беше директор на ЈП „Водовод и канализација“ и беше првиот директор на Јавно претпријатие од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кого градоначалничката Данела Арсовска во 2022 година го разреши од функцијата обвинувајќи го за несоодветно постапување во тендерска постапка. По ова, следуваа низа други разрешувања од директорски позиции во јавните претпријатија, а по зголемените тензии меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, се случи и конечниот раскол меѓу нив.

Поврзани содржини