ПОНИШТЕНИ ДВА ГОЛА НА ЛУКАКУ Словачка ја победи Белгија во првото големо изненадување на ЕУРО 2024
Единствениот гол на натпреварот беше постигнат во седмата минута, кога Иван Шранц погоди за голема победа на репрезентацијата на Словачка во нивниот прв натпревар на ЕУРО 2024 во Германија.
Репрезентацијата на Словачка го приреди големото изненадување во групата „Е“ на Европското фудбалско првенство во Германија откако успеа со минимални 1-0 да победи против фаворитот Белгија.
Ова беше прв натпревар за двете селекции на нивниот старт на ЕУРО 2024. Единствениот гол на натпреварот беше постигнат во седмата минута, кога Иван Шранц погоди за Словаците.
Белгија доминираше во поголемиот дел од мечот, но Ромелу Лукаку направи најмалку три големи промашувања, Јоан Бакајоко и Леандро Тросар исто така не успеаја да постигнат гол од чисти позиции, што беше премногу за да се дојде барем до реми.
Треба да се напомене дека Лукаку во вториот дел двапати ја наоѓаше мрежата на Словачка, но од офсајд позиција и по игра со рака на неговиот соиграч.
Фудбалерите на Доменико Тедеско не го демонстрираа очекуваното високо ниво и беа ограничени со многу компетентна и самопожртвувана дефанзивна игра на Словаците.