ВМРОВСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ВО ОФАНЗИВА Насекаде се градат училишта, градинки, спортски сали, улици…
Наскоро, по промените кои ќе се случат во централната власт на претстојните избори, следува поддршка на локалните самоуправи, без оглед на партиската припадност на градоначалниците, ветува Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во 15 поголеми општини со кои раководат грдаоначалници од ВМРО-ДПМНЕ следи изградба на проекти со капитално значење, а овој циклус инвестиции во развој треба значително да го олесни животот на граѓаните во овие општини, најави лидерот Христијан Мицкоски.
– Овие две години беа години на решавање на многу проблеми, многу предизвици и постигнување на резултати во услови на наследени општини во хаос, жестоки блокади од централната власт, како и лоша економска состојба во Македонија. Ова се две години без ниту еден скандал, какви што во минатото имаше многу во локалната самоуправа, на што морам да признам сум особено горд – рече Мицкоски.
По работниот состанок со градоначалниците, најавено е дека во следните месеци ќе се почне со градба на градинки, локални патишта, училишта, амбуланти, спортски сали кои се од огромно значење за овие 15 општини.
Во општина Аеродром, кај Тимчо Муцунски, ќе почне со проект за доградба и надградба на нова детска градинка (објектот „Изворче“) за што ќе се инвестираат 70 милиони денари. Ќе почне и проект за надградба и доградба на ООУ „Блаже Конески“, за што ќе се вложат нови 100 милиони денари.
Во општина Кисела Вода, кај Орце Ѓеоргиевски, почнува со проект за доградба на градинката „8 Март“ во населбата Расадник, за што ќе се инвестираат 60 милиони денари, како и нов проект за изградба на ОУ „Климент Охридски” во село Драчево, за што ќе се инвестираат 80 милиони денари.
Во општината Гази Баба кај Боби Стефковски, каде исто така во тек се повеќе други капитални проекти, многу скоро се започнува со нов проект за изградба на ново основно училиште „Крсте Мисирков” за што ќе се инвестираат нови 110 милуиони денари. Значи Гази Баба добива ново основно училиште.
Во Општина Ѓорче Петров, кај Александар Стојовски, почнува со проект за изградба на објект детска градинка во населено место Стопански двор, за што ќе се издвојат нови 60 милиони денари. Градинките се преполни, а сега со овој чекор се излегува во пресрет на долгогодишното барање на жителите на Стопански двор.
Во општина Бутел, кај Дарко Костовски, почнува со инвестиција за проект за реконструкција на детска градинка, за што ќе бидат инвестирани 52 милиони денари.
Во Општина Илинден, кај Александар Георгиевски, почнува со проект за изградба на амбуланта во центарот на Илинден, за што ќе се инвестираат 8 милиони денари, како и проект за реконструкција на улиците 9 и 532, кои сега се во очајно лоша состојба, за што ќе бидат инвестирани 12 милиони денари.
„Ова се објекти кои се ветувани со децении, а до сега не се реализирани“, нагласи Мицкоски.
Во Општина Штип, кај Иван Јорданов, почнува со проект за изградба на спортската сала „Џексон“, за што ќе се инвестираат околу 90 милиони денари. Ова беше ветување и во изборната програма за Општина Штип.
Во Охрид, каде градоначалник е Кирил Пецаков, ќе спочне со проект за реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ООУ „Кочо Рацин“, за што ќе се инвестираат 70 милиони денари, како и изградба на училишна спортска сала во ООУ „Ванчо Николески” за што ќе се одвојат и инвестираат 20 милиони денари.
Во Општина Битола, каде градоначалник е Тони Коњановски, ќе се инвестира во проект за реконструкција на улицата 8 Септември во должина од 1400 метри, како и поставување на атмосферска канализација, водоводна инсталација, коловозна конструкција, улично осветлување, реконструкција на пропуст над Раштански порој, поставување на сообраќајна опрема и експропријација за што ќе се инвестираат 110 милиони денари. Вкупната инвестиција таму ќе надмине околу 180 милиони денари, останатите средства општината ќе ги обезбеди од сопствениот буџет.
Во Општина Прилеп, кај Борче Јовчески, се отпочнува со проект за изградба на фабрика за рециклирање на отпад, со што ќе се реши долгогодишниот проблем со третман на отпадот во општината. За оваа цел ќе се инвестираат 90 милиони денари.
Во Општина Пехчево, кај Александар Китански, почнува проект за реконструкција на локален пат од село Чифлик до село Умлена за што ќе се инвестираат 18 милиони денари.
Во општина Јегуновце, кај Диме Костадиновски, почнува со проект за реконструкција на локален пат Копанче – Туденце – Сиричино, за што ќе се инвестираат 12 милиони, како и реконструкција на локален пат во самото село Сиричино, за што се вложуваат 3 милиони .
Македонски Брод кај Жарко Ристески ќе почне проект за реконструкција на улицата „Кирил и Методиј и краците, за што ќе се инвестираат 15 милиони денари.
Општина Свети Николе кај Дејан Владев ќе се отпочне со инвестиција во проект за мост на река Периш и асфалтирање на улицата на тој потег, инаку инвестиција во вкупна вредност од 20 милиони денари.
Општина Велес почнува со проект за реконструкција на спортски терени и поставување на урбана опрема за што ќе се инвестираат 24 милиони денари.
„Овие проекти истите се завршени, ревидирани и во периодот кој што следи, во втората половина на јануари, ќе се објави јавната набавка, а некаде во втората половина на март ќе биде ставен камен темелник и ќе почне изградбата на овие капитални проекти, што е потврдено и од самите градоначалници“, нагласи Мицкоски.
Наскоро, по промените кои ќе се случат во централната власт на претстојните избори, следува поддршка на локалните самоуправи, без оглед на партиската припадност на градоначалниците, ветува Мицкоски.
„Многу важно е да кажеме дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера како тоа што го правеше до сега владата на СДСМ и ДУИ или ДУИ-СДСМ, да ги двои општините на подобни и неподобни, или онаму каде што се градоначалници на СДС-ДУИ да бидат подобни, сите останати да бидат неподобни. Ние такви општини немаме намера да класифицираме, туку во сите општини на целата територија на Македонија ќе бидат инвестирани и ќе бидат реализирани такви проекти“, рече тој.