ВАРДАР ГО ПОБЕДИ ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР „Црвено-црните“ супериорни во ракометното дерби
Голманот Мартин Томовски со 14 одбрани од кои и 4 одбранети седмерци го предводеше Вардар во триумфот против актуелниот шампион.
Ракометарите на Вардар вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје го победија актуелниот шампион Еурофарм Пелистер со 30-25 (15-12) во првата меѓусебна пресметка сезонава во домашната ракометна Супер лига.
Вардарци имаа контрола на играта и на резултатот во текот на целиот натпревар. Водството од 6-2 по првата четвртина од мечот беше само најава за уште еден супериорен настап на „црвено-црните“ во пресметката со битолскиот ривал кој минатата сезона им ја зеде шампионската титула.
Голманот Мартин Томовски со 15 одбрани од кои и 4 одбранети седмерци го предводеше Вардар во триумфот, Милан Лазаревски и Марко Срдановиќ беа најефикасни кај „црвено-црните“ со по 6 гола.
Урош Борзаш постигна 6 гола за Еурофарм Пелистер.
Вардар по две кола има шест бода во Б-групата од Супер машката лига. За Еурофарм Пелистер ова беше прв натпревар и прв првенствен пораз сезонава.
Инаку, ова е втора победа против Еурофарм Пелистер во серија, откако претходно вардарци триумфираа и во меѓусебната пресметка во Супер Купот.