ОТВОРЕН ЦЕНТАР ЗА ФЕТАЛНА МЕДИЦИНА Со ран скрининг на трудниците ќе се намали бројот на мртвородени бебиња
Центар за фетална медицина беше отворен денеска во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, како донација од Грција и од професорот Кипрос Николаидес.
– Новиот оддел на Клиниката за гинекологија и акушерство, опремен со современи апарати за дијагностика и фетална терапија, ќе овозможи ран скрининг кај трудниците, што од друга страна, значи редуцирање и намалување на перинаталниот морталитет и морбидитет. Како резултат токму на развитокот на феталната медицина на оваа клиника имаме значителен пад на бројот на мртвородени, што во иднина со помошта на овој центар, уверен сум дека уште поубедливо ќе го продолжи овој тренд – рече министерот за здравство Фатмир Меџити.
Апаратите овозможуваат следење на плодот во текот на неговиот развој, како и детекција на сите можни показатели, кои може да доведат до несакани последици.
– Во оваа прилика сакам да ѝ се заблагодарам на амбасадорката за подадената рака во усовршување на нашиот здравствен систем. Дополнително, преку програма ќе се основаат и стручни усовршувања, преку континуирани едукативни настани во областа на феталната медицина. Нашите кадри ќе бидат обучувани од врвни експерти коишто ќе ги обезбеди Фондацијата за фетална медицина. Фондацијата ја обезбеди и неопходната опрема за реализирање на целата програма, што вклучува и два апарата за ултразвук, кревети, компјутери, софтвер и сѐ што е потребно за опремување на Одделот за фетална медицина – истакна Меџити, посакувајќи многу среќни животни приказни на клиниката.
Медицинската директорка на клиниката Викторија Јовановска кажа дека оваа клиника е централно породилиште, a воедно и најголем и најсовремен центар за дијагностика на патолошки состојби кај бремените жени во нашата држава.
– Отворајќи го овој Центар за фетална медицина, го отвораме единствениот дијагностички центар за најтешките облици на патологија кај мајките и кај плодот. Ова е центар во кој ќе се едуцираат сите доктори акушери од нашата држава. Изразувам голема благодарност до грчката влада и до професорот Кипрос Николаидес – подвлече Јовановска.
Како што додаде таа, потврда за лидерската позиција на клиниката се и досегашните резултати на превенирање на ризикот кај пациентките, со што навремената дијагностика овозможи помал број на смртни случаи кај плодот и кај мајките.
Претседателката на Асоцијацијата за фетална медицина на Република Северна Македонија, Ана Данева Маркова изјави дека се надева оти со професорот Кипрос Николаидес, со кого го почнале овој проект, во иднина ќе го продолжат развојот и подобрувањето на феталната медицина во нашата држава.
Професорот Николаидес се осврна на соработката меѓу владите на двете земји, а задоволство од денешниот настан изрази и амбасадорката на Грција во нашата држава, Софија Филипиду.