Новоформираната национална установа Џез оркестар, која освен што доби трајна адреса во Националната опера и билет, доби и 11,7 милиони денари, од кои 10 милиони се средства од ТАВ програмата, информира денеска на прес-конференција заменик претседателот на Владата, Фатмир Битиќи.
– Со ова создаваме модерен амбиент, каде оркестарот ќе може непречено да создава џез музика, со што Северна Македонија ќе ја поставиме на мапата на земји кои институционално го негуваат овој стил на музика – подвлече Битиќи.
Тој најави реализација на уште неколку други проекти. Како што кажа, ќе се реши проблематична точка во Старата скопска чаршија, зона што ги спојува двете фреквентни целини, чаршијата и Бит-пазар, кај улиците Покриена чаршија и Кирил Пејчиновиќ, која долго време функционира како тесно грло, „создавајќи потешкотии за минувачите и непријатно добредојде за посетителите“.
– Сега таа слика ќе се промени и ќе биде позитивно искуство за сите наши граѓани, но и туристи кои одат во чаршијата, бидејќи таа нуди единствено искуство на традицијата и на градот – нагласи Битиќи.
Тој информираше дека ќе помогнат и за доградба на спортската сала во селото Јаболчиште во општина Чашка.
Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска соопшти дека Министерството за култура обезбедило изработка на основен проект за реновирање и уредување на просторот и за санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на Националната опера и балет.
– Просторот е со површина од 475 квадратни метри и со проектот се предвидува уредување на простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простори. Проектот предвидува и простории за машинска опрема и електрични инсталации – рече министерката.