ОСМАНИ ОД БЛЕД УБЕДУВА Процесот за уставни измени ќе заврши успешно
Османи порача дека форумот е уште една платформа да се испрати порака дека мора да се направи посуштински исчекор за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ до 2030 година.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во изјава од Блед, Словенија, каде македонската делегација присуствува на Бледскиот стратешки форум, изрази уверување дека процесот за уставните измени во државава ќе заврши успешно во наредните недели и месеци.
-Процесот е започнат, како што гледате целиот свет, и САД и ЕУ, ја поздравија одлуката да го започнеме процесот. Убеден сум дека овој процес ќе заврши успешно во наредните недели и месеци – изјави Османи за МИА за време на учеството на Бледскиот стратешки форум.
Како што јави известувачот на МИА од Блед, Османи порача дека форумот е уште една платформа да се испрати порака дека мора да се направи посуштински исчекор за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ до 2030 година.
-Ова е уште една платформа каде можеме не само ние туку и земјите од Западен Балкан да се сретнат со Европската унија и да ја дадат пораката дека мора да се направи посуштински исчекор во процесот во овој нов геополитички контекст во кој се наоѓа Европа и оти оваа декада мора да биде декада на Западен Балкан. Мислам дека пораките од сите страни се такви, дека до 2030 Западен Балкан треба да биде дел од ЕУ – изјави Османи.