МАНЧЕВСКИ Е ЖРТВА НА ПРОГОН ОД ЗАРОБЕНА ИНСТИТУЦИЈА Македонските филмски критичари застанаа во одбрана на режисерот
Со тој прогон ѝ се нанесува далекусежна штета не само на филмската дејност ами и на целата култура воопшто – се вели во реакцијата на македонските филмски критичари.
Македонската секција на Меѓународната федерација на филмски критичари-ФИПРЕСЦИ се придружува кон реакцијата и поддршката за македонскиот режисер Милчо Манчевски од Филмскиот фестивал Венеција и од Централата на ФИПРЕСЦИ.
„Сакаме да ја изразиме нашата поддршка за Манчевски како проминентен укажувач на корупција на највисоко ниво. Го осудуваме прогонот против Манчевски со цел тој да се замолкне и да се спречи да работи во Македонија.
Укажуваме дека ова е пример на заробена институција која се инструментализира за прогон врз автори, со што се нанесува далекусежна штета не само на филмската дејност ами и на целата култура воопшто. Сметаме дека е недозволиво е да се компромитира македонската култура на меѓународен план на овој начин.
Македонската секција и во иднина ќе продолжи да осудува кога некој автор или други професионалци во филмската дејност ќе бидат институционално прогонети или стигматизирани“ – се вели во реакцијата на македонската секција на Меѓународната федерација на филмски критичари.