ПОЛИТИЧКИ БЛЕФ, ЕВТИН ТРИК ИЛИ ХРАБАР ПОТЕГ? Одлуката на Ахмети ја збуни, ама не ја изненади јавноста
Преку депонирањето на оставките на министрите од ДУИ владината коалиција сака да ни каже дека е конструктивна и дека мисли само на Македонија, а всушност сето ова е една најобична лага и правење театар, коментира политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Поднесените условени оставки од министрите на ДУИ претставуваат последен очаен обид на владината коалиција да се изврши политички скок на македонската политичка сцена и да се натера опозицијата да се предомисли и да ги изгласа уставните измени.
Вака, дел од политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо го коментираат потегот на Али Ахмети на своите министри да им нареди „оставки во најава“ во пресрет на главното гласање од кое ќе зависи дали Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав.
Други, пак, сметаат дека станува збор за класичен политички блеф на Ахмети, бидејќи, како што посочуваат, ако ДУИ навистина се грижеше за иднината на државата, немаше во изминативе години да биде поврзувана со илјадници скандали поврзани со криминал и корупција.
Сепак, има и такви кои сметаат дека потегот со депонирањето оставки е стратешки и храбар потег на Али Ахмети, бидејќи, како што велат, првиот човек на ДУИ на овој начин ги жртвува сегашните интереси и позиции на партијата само со цел да не ѝ се случи нова блокада на државата.
Приказна за мали деца
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека потегот на ДУИ претставува приказна за мали деца во којашто верува единствено премиерот Димитар Ковачевски.
Многу е лошто тоа што во целата оваа игра на Ахмети учествува и премиерот Димитар Ковачевски, а јас се изненадив кога разбрав дека премиерот искрено верува дека потегот на ДУИ е во интерес на државата и дека на овој начин ќе се убеди опозицијата да гласа за уставните измени.
– Без сомнение, целта на Али Ахмети е да го сврти вниманието на граѓаните од сите тие скандали што секојдневно се откриваат за функционери од ДУИ. Многу е лошо тоа што во целата оваа игра на Ахмети учествува и премиерот Димитар Ковачевски, а јас се изненадив кога разбрав дека премиерот искрено верува дека потегот на ДУИ е во интерес на државата и дека на овој начин ќе се убеди опозицијата да гласа за уставните измени. Тоа е апсурд. Секако, опозицијата може да се предомисли и да гласа за уставните измени, но тоа сигурно нема да го стори само затоа што министрите од ДУИ ги депонирале оставките. Ова е најобична приказна за деца во којашто верува единствено премиерот Ковачевски – коментира Хајредини.
Тој смета дека владината коалиција е притисната во тесно во поглед на уставните измени.
– Не им е баш удобно на фотелјите, бидејќи притисокот од меѓународните партнери е прилично висок. И на евроамбасадорот Дејвид Гир, и на американската амбасадорка Анџела Агелер, им е јасно какви игри игра власта, но друг излез очигледно не постои. Ситуацијата е прилично сериозна – изјави Хајредини.
Втор дел од претставата
Уште кога се организираше последната лидерска средба кажав дека ни се случува еден голем театар, а сега, со депонирањето оставки на министрите од ДУИ ќе кажам дека само ни се прикажува вториот дел од претставата, коментира политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Не сфаќаат дека македонскиот народ е против уставните измени и тука нема простор за дискусија
– Во тек е втората епизода, односно вториот дел од претставата поврзана за уставните измени. Постои само глума и обид за одвраќање на вниманието на македонската јавност. Земјава се соочува со еден куп предизвици и проблеми: црни листи, задолжувања, договорот со „Бехтел и Енка“, неможност да се придобијат доволно пратеници за двотретинско мнозинство… На овој начин владината коалиција сака да ни каже дека е конструктивна и дека мисли само на Македонија, а всушност сето ова е една најобична лага и правење театар. Оти, ако тие навистина се грижеа за иднината на земјава, сите тие проблеми што ги спомнав погоре веќе одамна ќе беа решени – истакна Пекевски.
На прашањето дали ваквиот потег на ДУИ ќе го фрли во тесно лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тој вели дека првиот човек на опозицијата нема да претрпи никаков притисок.
– Јасно е дека Мицкоски нема да претрпи никаква штета и нема да почувствува никаков притисок. Едноставно, кога 99 проценти од македонскиот народ е против уставните измени, јас не гледам зошто Мицкоски би бил фатен во тесно. Небулозите од типот на руски ботови и руска пропаганда е само мачкање очи и давање некакво алиби пред странските партнери дека руските тајни служби имаат некакво влијание во Македонија. Не сфаќаат дека македонскиот народ е против уставните измени и тука нема простор за дискусија – рече Пекевски.
Последен очаен обид на власта
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски во изјава за Плусинфо вели дека потегот на ДУИ со депонираните оставки е последен очаен обид на власта да ја убеди опоизицијата да гласа за уставните измени.
– Едноставно, таканаречените условени оставки од министрите на ДУИ претставуваат последен очаен обид да се направи некој политички скок и да се натера опозицијата и лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски да дојде на „владина воденица”. Во овој момент, кога сме влезени во тотален цајтнот, мислам дека само неверојатен и жесток притисок од високата американска дипломатија и надворешна политика може да ја смени тврдокорната политика на опозицијата и во последен момент да ја смени одлуката за 180 степени. Во дадениов момент, ДУИ е целосно ирелевантна во овие политички пируети околу уставните измени, бидејќи може само дополнително да го изиритира лидерот на опозицијата кој има инфантилно и нестабилно политичко однесување, односно може да промени сериозна и по иднината на државата исклучително важна одлука, со дијаметрално спротивен ракурс во рок од едно деноноќие – коментира Атанасоски.
Јас сепак мислам дека одиме кон неизгласување на уставните измени, додава тој, единствено ако не се случи чудо во „5 до 12“.
– Може да се случи Македонија да влезе во уште една перпетуирачка политичка криза на која нема да ѝ се знае крајот, а на крајот цената за продолжување на евроинтегративниот процес да ја платиме многу пати повеќе од оваа цена со влезот на Бугарите во Уставот, како веќе нешто видено и доживеано на наша политичка кожа во изминатите три децении на независност – изјави Атанасоски.
Стратешки потег
Новинарот и аналитичар Џелал Незири, пак, смета дека потегот со депонирањето оставки е стратешки потег на Али Ахмети.
Со врачувањето на условните оставки ДУИ практично го прифаќа условот на ВМРО-ДПМНЕ и ја префрла топката на другата страна на теренот. Мицкоски сега нема да има аргументи како да ги отфрли уставните измени
– Сега целиот товар за уставните измени паѓа на грбот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, па затоа сметам дека овој потег на Али Ахмети е прилично храбар, бидејќи на некој начин ги жртвува сегашните интереси и позиции на партијата само со цел да не се случи нова блокада на државата. Впрочем, ова го бараше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски – широка влада без ДУИ до наредните избори. Со врачувањето на условните оставки ДУИ практично го прифаќа условот на ВМРО-ДПМНЕ и ја префрла топката на другата страна на теренот. Мицкоски сега нема да има аргументи како да ги отфрли уставните измени – изјави Незири.
Од владејачката СДСМ велат дека сега се исполнети сите услови што ги постави опозиционерот Мицкоски, па сега останува на него да одлучи дали ќе избере ЕУ или изолација.
„Ставајќи го државниот пред партискиот интерес ДУИ покажа одговорност кон врвната стратешка цел, европската иднина на земјата и сите наши граѓани. Со одлуките на Централниот одбор на СДСМ, како и со последната одлука на ДУИ, исполнети се сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ВМРО-ДПМНЕ да поддржи уставни измени, вклучително и Влада без ДУИ. Сега, на потег е Мицкоски да покаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или се грижи само за својата фотелја во Белиот дворец. Членството во ЕУ е врвна стратешка цел поставена уште пред 32 години, не е борба за власт туку борба за иднината на државата и од тоа СДСМ нема да отстапи. Гласот за уставните измени е глас за Европа, за полноправно членство во ЕУ. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса, наместо да ја блокираат, да ја поддржат македонската иднина во Европа“, соопшти СДСМ.
Чист блеф
Реакција пристигна и од ВМРО-ДПМНЕ, а оттаму велат дека понудените оставки на министрите на ДУИ се чист блеф.
Ги охрабруваме министрите, посебно овие од ДУИ кои депонираа оставки, да се охрабрат уште малку и да ги активираат.
„Доколку тие имаат чесна намера да си поднесат оставки, тоа ќе го направеа во единственото можно место, а тоа е Собранието. Јасно е дека функционерите избрани од Собранието можат да поднесат оставки само до Собранието, а не до својот вистински шеф Али Ахмети или до т.н. премиер Ковачевски. Но, добро е што ДУИ започна да се подготвува за падот на оваа влада. Нека ги активираат оставките, па да одиме на брзи избори. Ги охрабруваме министрите, посебно овие од ДУИ кои депонираа оставки, да се охрабрат уште малку и да ги активираат. Убаво ќе биде да се соочат со народот поскоро и да видат што мисли тој за нивната работа“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Слично мислење дели и лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој му порача на министерот за надворешни работи Бујар Османи од ДУИ прв да ја активира оставката.
– ДУИ како партија е најодговорна за криминализација на државата, блокада на реформите на судскиот систем, злоупотребата на Бадентер и Балансерот, огромниот број промашени капитални инвестиции, како и колапсот на државните институции, се доволни причини за повлекување од власта. ДИУ, заедно со Маричиќ и Ковачевски, ја води надворешната политика, која ги загрози евроинтеграциите со прифаќање на неоснованите барања на Бугарија и нивно вградување во преговарачката рамка, посебно за промената на Уставот и историските и образовни прашања, без при тоа да се направат пошироки консултации. За почеток, од функцијата треба да се повлече Бујар Османи, кој со своите одлуки директно ги загрози националните интереси на Македонците, но и на другите граѓани, а ги загрози и европските перспективи на Македонија – порача Трајанов.