Другарчиња, еве ви шанса да докажете дека сте искрени патриоти, а не фејкери!

Баталете венци и светилници. Баталете резолуција со илинденска поезија. Ако сте вистински Македонци, македонштината декларирајте ја во Уставот!

10,910

Партијата на Кирил Петков во пресрет на 2 август во бугарскиот парламент поднела декларација која треба да потврди дека Илинденското востание било бугарско.

Во образложението се вели дека „Илинденско-преображенското востание е венецот на бугарското национално ослободително движење“.






За да не остане покусо во продавањето лажен патриотизам, партијата на Зоран Заев и сега на Димитар Ковачевски, во вторник ќе предложела резолуција за Илинден што треба да ја донесе македонското Собрание.

Во неа ќе пишува дека „Илинден е еден од најсветлите празници во македонската историја, светилник на нашата борба за посебност и независност“.

Бугарите ми се јасни. Тие се единствени, доследни и консеквентни во негирањето на македонскиот идентитет и на самобитноста на македонската нација. Нивната декларација тоа уште еднаш ќе го потврди.

Не ми е јасен СДСМ.

Сè што направи оваа партија, од потпишувањето на Договорот за добрососедство до денес, е целосно и безусловно прифаќање на бугарскиот диктат и на софиските толкувања на македонската историја.

Нема ден челниците на сдсмовската пропаганда да не се потсмеваат со македонската историја, со македонските револуционери, со македонскиот јазик и со македонскиот патриотизам.

Нема ден тие да не го оспоруваат токму македонскиот патриотизам, како најголемо зло и како „кочничар“ на нашиот „светол пат кон ЕУ“.

Од нашите учебници катаден мистериозно исчезнуваат авторите и делата кои зборуваат за нашата историја.

Та зарем овој СДСМ има образ да зборува за македонската борба за независност и за посебност?

Нека простат другарчињата, но не им веруваме. Веќе не!

Секако, ти сè уште имаат можност да нè убедат дека грешиме, дека ти се искрени патриоти, а не лажњаци.

Ете, нека се осмелат историската вистина за самобитноста на македонската нација и за посебноста на македонскиот јазик, како и фактите за борбата за независна македонска држава, во неколку реченици да ги опишат и да ги додадат во Преамбулата на Уставот.

Ако се вистински Македонци, македонштината нека ја декларираат во конститутивниот акт на државата!

Ете, сега, откако го „отворија“ Уставот за да ги запишат Бугарите, имаат ексклузивна можност да ја запишат таму и својата приказна за македонската самобитност.

Па можеби ќе се убедиме некако и таа работа со запишувањето на Бугарите полесно да мине.

Ајде сега, сдсмовци, осмелете се и докажете дека не сте фејкери!

Да ве видам!

Поврзани содржини