ПИВО ФЕСТО 2023 СИ ГО ПРОСТЕ ГОСПО! Годинашното јубилејно издание се одложи за в година
Во соопштението се додава дека в година фестивалот ќе се одржи на нова локација и со нова концепција и содржина на програмата.
Јубилејното 20. издание на Фестивалот на пивото во Прилеп, кое беше предвидено да се одржи од 13-16 јули годинава, нема да се одржи, односно се одложува за следната 2024 година, соопштија организаторите на фестивалот на својата официјална фејсбук-страница.
Во соопштението се додава дека в година фестивалот ќе се одржи на нова локација и со нова концепција. Во соопштението се дава и образложение за ваквата одлука:
„На состанокот одржан од Стопанската комора на Прилеп, Општина Прилеп и бизнис фелата донесена е одлука, ПИВО ФЕСТ Прилеп 2023, дека нема да се подржи и одржи. Додека пак советот на Општина Прилеп на седницата од 22.06. 2023 донесе одлука за доделување на локација за реализација на ПИВО ФЕСТ 2023 Прилеп. (Прашањето е за што се носи одлука за доделување на локација кога предходно Стопанската комора и бизнис секторот донеле одлука со намера да не се подржи и одржи фестивалот??)“, соопштија од организацијата.
Според нив оваа седница е доцна одржана и одлуката за доделување на локација за организација и реализација на фестивалот е предоцна донесена.
„Со оглед на навремено поднесените барања од страна на Фестивалот на 17.11. 2022 и во април 2023 до Општината за организација и локација на ПИВО ФЕСТ 2023 сè уште нема официјално известување до Фестивалот до ден денес. Со оглед на сите овие горе наведени причини ПИВО ФЕСТ Прилеп 2023 год. спречен е да се одржи. Се извинуваме до прилепчани и пошироката јавност. Се гледаме во 2024 со нова локација, нов концепт и нова програма на ПИВО ФЕСТ 2024 “ – се вели во објавата на Здружение Интернационален фестивал за пиво и скара Пиво Фест“.