СДСМ БАРАЛ ПОМОШ ОД ГРУЕВСКИ ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ Димитровски тврди дека постојат фотографии од средбата во Будимпешта
На Груевски во замена му била понудена амнестија за него и за некои негови луѓе, но според Димитровски, тој таквата соработка ја одбил.
СДСМ испратил луѓе во Будимпешта на средба со поранешниот премиер Никола Груевски за да побараат помош од него за обезбедување одреден број пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните промени за Бугарите да влезат во Уставот, во замена за амнестија за него и за некои негови луѓе – изјави Зоран Димитровски, поранешен новинар и уредник, а сега партиски функционер на Демократски сојуз, во настап во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
Димитровски рече дека за таа средба постојат фотографии и дека Груевски ја одбил таквата соработка.
– Груевски таквата соработка ја одбил. Без оглед какви се неговите моментни односи со лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, тој одбил да биде дел од подземни игри за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени. Ова можам да го кажам авторитетно и со информации што ги имам од теренот. Постојат фотографии од средбата со Груевски на луѓе кои што се испратени од СДСМ – рече Зоран Димитровски.