ЖАН МИТРЕВ СЕ ИЗЈАСНИ ЗА НЕВИН Обвинителството тврди дека ќе ја докаже вината
Постои обвинение за сериозно кривично дело, а со неговото дејствие има последици и правното лице. Тоа се фактите и не можете да ги извртите наспроти логиката. Обвинетиот сторил измама со умисла и ова Обвинителство ќе го докаже тоа надвор од разумното сомневање, рече обвинителката Искра Хаџи Василева.
Не се чувствувам виновен за делото што ми се става на товар, изјави денеска во судница докторот Жан Митрев, сопственик на истоимената приватна клиника, на рочиштето за судскиот процес во кој се товари за продолжено кривично дело измама.
Покрај Митрев, дека не се чувствува виновна за истото кривично дело, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје се изјасни и застапничката на приватната клиника, која рече дека во целост го одбива обвинителниот акт.
По изјаснувањето на обвинетите следуваше воведниот говор на Обвинителството, па обвинителката Искра Хаџи Василева кажа оти ќе докаже дека е сторено кривичното дело за кое постои обвинението.
– Постои обвинение за сериозно кривично дело, а со неговото дејствие има последици и правното лице. Тоа се фактите и не можете да ги извртите наспроти логиката. Обвинетиот сторил измама со умисла и ова Обвинителство ќе го докаже тоа надвор од разумното сомневање – рече обвинителката.
Одбраната воведен збор ќе има на следното рочиште, кое е закажано на 15 јуни.
Претходно, одбраната на Жан Митрев и на денешното рочиште побара одложување на судењето поради тоа што, според нив, од листата на докази на јавниот обвинител недостасуваат 48 медицински досиеја за пациенти, од кои 27 кои обвинителството ги навело како оштетени.
Обвинителството во ова барање го оквалификувака како „неоправдано“, бидејќи, „одбраната првично ги доставила до Обвинителство“, а судот реши да не се одложи главната расправа.
Инаку, основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.
Појаснувањето од Обвинителството е дека делото кое се стана на товар се однесува на класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.