Масовен наплив на папагали

Сезоната на папагали само што започна и ќе ги има многу. Дојде пролетта. Нивно е да изигруваат кловнови, а наше е да си ги браниме нашите интереси и, по никоја цена, да не дозволиме промена на уставот под безобразно наметнатите услови. Тоа би бил бесмислен и самоубиствен чин.

1,934

Не ни е прв пат, веројатно ниту последен, да не навјасаат папагали. Тоа се оние симпатични птички коишто знаат да повторуваат само куси реченици, како – сменете го уставот, сменете го уставот… Последен пат тоа ни се случи пред неколку години. Тогаш добивме кумови коишто, по многу векови и милениуми – ни го сменија идентитетот и не прекрстија во Северномакедонци. Благодарејќи на папагалите, коишто се високи странски политичари, расчистивме една тешка будалштина дека, како народ, сме измислица на Тито и на Коминтерната (Сталин). Главен носител на оваа фантазмагорија беше Бугарија, следена од Грција.

Во 2018, во Нивици, како кукавички јајца ни подметнаа договор којшто, за наша голема и нескриена среќа, не извлече од тешките и долги психолошки трауми. Место некаков квази народ, измислен од некој државник и комунистичка интернационала, направивме историски исчекор: прифативме и потпишавме дека сме навистина непостоечки, зомби народ, ама со звучно име – Северномакедонци. Името е навистина бесмислено и се сведува на ништо, бидејќи нема други народи со слични предзнаци (Јужномакедонци…), па да има некаква логика. Арно ама, гордо ѕвечи. Тоа е додатен доказ дека сме привремен народ и, токму затоа, потребна е бугаризација.






И тогаш, кога ни се наметнуваше таа прекрасна, иако глупава и надвор од умот наша трансформација, ни дојдоа бројни и видни европски и прекуморски папагали. Тие се однесуваа крајно пријателски и нагласено добронамерно, бидејќи нивните важни интереси беа во прашање. Нас, пак, не нѐ есапеа за ништо. Затоа и можеа да не преведат жедни преку вода. Едногласно, ама нежно, ни гракаа – потпишете го договорот, потпишете го договорот… А „нашите“ лидери веќе долго чекаа во Нивици, и немаше причина да не ги послушаат. Нормално, нашите странски „пријатели“ не спомнуваа дека со тоа се бришат Македонците како народ, а „нашите“ политичари се правеа недоветни и отсутни.

Бидејќи без промена на Уставот на земјата договорот беше обично слово на хартија, папагалите набргу научија уште една клучна реченица – променете го уставот, променете го уставот… и пак навалија за да не докусурат. А „нашите“ политичари, како неписмени чираци, правеа сè за да им се допаднат на папагалите. Та, нели, ние немаме достоинство пред странци.

Нема да ги наведуваме по име нашите тогашни драги папагали. Ги имаше доста – германска канцеларка, британска премиерка, видео порака од француски претседател, американски величини… Но, било и поминало. Штетите и последиците, коишто се можеби и фатални за македонскиот народ, си остануваат – наши.

Сега папагалите повторно не навјасаа, што е потврда, дури и доказ, дека ја засакале Македонија и редовно ќе ни доаѓаат. Додека не нѐ сотрат, де.

Овој пат, први дојдоа од Унијата: високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Борел, и неговиот комесар за добрососедство и проширување, Вархеји. Папагали, пардон, личности – од прва класа. Жалосно е да се спомнува, ама толку лаги ни истресоа, што е непростливо. Како ли ги научија и запаметија?

Без да трепне, Борел кусо ни порача – „ова е најдобрата (преговарачка) зделка од ЕУ што можете да ја добиете“ и „време е за уставни измени“! Продолжи со – „сега е време политичките партии да покажат одговорност“ и “земјата да ги подобри односите со соседите“!?

Зарем од нас бараш, бре Борел, да ги подобриме односите со соседите? Имаш ли малку исав? Можно ли е да не ти е јасно дека ние не постоиме како народ за соседите? А, во Скопје, и самиот можеше да се увериш дека нѐ има? Дека сме тука. И, како замислуваш да ги подобриме односите со соседите?

Од друга страна, преговарачката рамка која ни ја стокмивте на крајно безобразен и идиотски начин е, пред сè, тежок срам за вас во Унијата. Ги заборавивте вашите критериуми од Копенхаген, и им се плукнавте на импресивните и цивилизациски вредности коишто ги имате во Унијата… А, заради мир во куќата, во преговарачката рамка ни ги напикавте бугарските мизерии, историски синдроми и вековни фрустрации! Зарем не чувствуваш никаква грижа на совеста? Та, и – срам. Јасно ни е дека и вас во Брисел, други ве тераат тоа да го правите ама, сепак, имаш ли ти некаков образ? Интимно, дали се согласуваш со своите постапки?

А, уставните измени? Се правиш на удрен дека, божем, доброволно сме се обврзале да го менуваме Уставот, а тоа ни го наметнавте на силеџиски начин, како да сме во 19 век? Да, да. Вие од Брисел не силувавте. И сега, се осмелуваш да мавташ дека е тоа наша обврска? Каков жалосен безобразлук. Недоличен и за некој уличар е не за врвна личност на Унијата.

Сега, апелираш и на одговорност на партиите а кога си игравте мајтап со „нашите“ недоветни претставници, и ги присиливте на промена на Уставот, тогаш опозицијата не ви требаше? Нормално, најдовте аматери и се иживувавте со нив. Срамота, Борел, срамота. Не само службена, туку и лична. Кога ве споредуваме со папагалите, ги навредуваме тие интересни птици.

Втора папагалка беше шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, која нагласено се гушкаше со нашиот министер. Нејзината главна порака беше – „сменете го Уставот и ЕУ нема да ве остави на цедило“. Таа беше апсолутно во право кога констатира дека сме на цедило, ама барем да ветеше дека Германија ќе ни помогне, а не ЕУ, за што, таа нема никаков мандат од Брисел. Пораката, пак, беше двосмислена. Ако вети дека – нема да не остават на цедило, и ќе не исцедат до крај, се’ е јасно. Знаеме дека тоа не ни гине.

Бербок, меѓутоа, покажа дури и некое разбирање за нас. Тврдеше – „Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и можам да разберам кога се дебатира за тоа ОСОБЕНО КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА СОПСТВЕНИОТ ИДЕНТИТЕТ И ЗА СОПСТВЕНАТА ИСТОРИЈА, ЈАЗИК И КУЛТУРА…“. Види, види. Нејзе и е јасно дека нашиот идентитет е на маса и се кусури ама, сирота, што да прави? Политички е задолжена да инсистира на менување на нашиот Устав, за што е и платена. Друга работа е – како се чувствува.

Бербок спомна и – „Македонки и Македонци“, термини коишто другите западни политичари главно ги избегнуваат. Намерата е јасна – да ни замачка очи. Еве ви признание кои сте, што сакате повеќе? А тоа, нема никакво формално значење. Досега, Германија нема ништо посебно направено за нас, иако секогаш имаше реална моќ да помогне. Нема многу информации и за некаква нивна финансиска помош?

А, нивниот МНР, Геншер, во декември 1991, избрзано ги призна Словенија и Хрватска, за да го минира извештајот на „Бадентеровата комисија“, која за признавање ги предлагаше Словенија и Македонија. За нас, тоа беше нож во срце.

Следен западноевропски папагал е австрискиот претседател, Ван дер Белен. Тој, пак, со цел памет, ни советуваше – „останете на европскиот пат, не ги драматизирајте уставните измени“!? Лично се надевал дека промената брзо ќе се случи! Белен, воопшто не се обидуваше да ја скрие својата папагалска улога. Очигледно пред пензија, најдисциплинирано си ја врши улогата. На папагал. Така, во Собранието, апелираше до сите да ја продадат државата. За тоа е платен.

Паралелно, амбасадорот на ЕУ, Гир, продолжува да игра нагласена улога на папагал во однос на потребата да се промени Уставот. Повторува – „тие промени нема да бидат драматични“. Од каде го знае тоа, не е јасно. Но, тој мора ги брани интересите на Унијата.

И словенечкиот премиер, Голоб, ни порача дека – „процесот (со уставните измени) треба да биде завршен што побрзо…“. Премиерот на Хрватска, пак, Пленковиќ, беше доста внимателен и само ни предочи што носи Унијата за членките.

Не заборавајте, почитувани читатели, дека ова е само почеток. Сезоната на папагали само што започна и ќе ги има многу. Дојде пролетта. Нивно е да изигруваат кловнови, а наше е да си ги браниме нашите интереси и, по никоја цена, да не дозволиме промена на уставот под безобразно наметнатите услови. Тоа би бил бесмислен и самоубиствен чин. За среќа, народот веќе ги прочита. Видовте дека се најави нова бугарска партија која веќе нуди вработувања во државната администрација…, дури и пратеник и министер… Сето тоа ќе следи ако влезат во Уставот. Знаеме кој стои зад сето тоа. Како и до сега, би му шепнал Ахмети на Ковачевски.

Поврзани содржини