ТРПЕНИЕТО Е ПРИ КРАЈ, ПРАВДАТА ЌЕ ГИ СТИГНЕ СИТЕ Мицкоски со остра порака до дел од обвинителството
Премиерот од Охрид порача дека институциите мора побрзо да реагираат и дека правдата ќе стигне до сите што мислат дека се недопирливи.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Охрид испрати порака дека трпението за борбата против корупцијата е при крај, порачувајќи дека правдата мора да стигне до сите што, како што рече, „ѝ се смеат на државата и на законите“.
Во обраќањето на свечената академија „Од слово до вечност“, што се одржа во црквата Света Софија по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, Мицкоски се осврна и на незадоволството кај граѓаните од бавната испорака на правда.
– Го разбирам незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение. И јас не сум до крај задоволен и сметам дека може многу подобро и со многу побрзи резултати. Немојте да мислите дека не ги слушам криците на луѓето кои гледаат како некои ѝ се смеат на правдата и мислат дека се недопирливи – порача Мицкоски.
Премиерот упати критики и до дел од обвинителството, оценувајќи дека институциите мора побрзо да постапуваат.
– На оние што денес се најгласни критичари, а вчера ја злоупотребувале државата, како и на дел од обвинителството кое сè почесто бара изговори, им порачувам дека трпението е при крај. Правдата ќе ги стигне сите. Внимателно следам што се случува – истакна премиерот.
Тој додаде дека нема да молчи кога смета дека институциите грешат или кога, како што рече, предметите стојат во фиоки без реакција.
– Не влегов во политика за да смислувам изговори, туку за да воведеме ред, правда и владеење на законите. Нема да отстапам од намерата да им дишеме во врат на оние што се богатат на маката на народот. Ова е последна шанса на оваа генерација да остави нешто вредно зад себе – порача Мицкоски.