САД НЕМА ДА БРЗААТ СО ДОГОВОР СО ИРАН Трамп најави внимателни преговори со Техеран

Американскиот претседател порача дека преговорите со Техеран се движат во добра насока, но дека САД нема да прифатат договор што би ја загрозил нивната безбедност.

0

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека преговорите со Иран за ставање крај на војната напредуваат, но порача дека нема да дозволи избрзан договор кој би бил неповолен за САД.

Изјавата доаѓа само еден ден откако Трамп соопшти дека рамковниот договор меѓу Вашингтон и Техеран е „во голема мера усогласен“, вклучително и прашањето за повторното отворање на Ормускиот Теснец.






„Преговорите се одвиваат на уреден и конструктивен начин. Ги информирав моите претставници да не брзаат со договор, затоа што времето е на наша страна“, напиша Трамп на својата платформа.

Тој порача дека американската блокада на иранските пристаништа ќе остане во сила сè додека договорот не биде целосно финализиран и потпишан.

„Двете страни мора да си земат време и да го направат тоа како што треба. Не смее да има грешки“, нагласи американскиот претседател.

Трамп додаде дека односите меѓу САД и Иран стануваат „попрофесионални и попродуктивни“, но повтори дека Вашингтон нема да дозволи Техеран да развие нуклеарно оружје.

„Тие мора јасно да разберат дека не можат да развијат или да набават нуклеарна бомба“, порача Трамп.

Според американските медиуми, Трамп во телефонски разговор го информирал и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за текот на преговорите, уверувајќи го дека САД ќе останат на барањето за запирање на иранската нуклеарна програма и отстранување на високо збогатениот ураниум од Иран.

Поврзани содржини