ПО МАТУРСКА ПРОСЛАВА СЛЕДЕЛ ПЕКОЛ Битолчанец киднапирал и тепал 18-годишна девојка

40-годишен битолчанец е осомничен дека ја држел затворена и физички нападнал 18-годишна девојка по враќање од матура, Обвинителството бара притвор поради ризик од бегство и повторување на делото.

0

Основното јавно обвинителство во Битола покрена постапка против 40-годишен маж од градот, кој се сомничи дека насилно држел затворена и ја повредил 18-годишна девојка со која бил во блиска врска.

Според деталите од случајот, инцидентот се случил на 23 мај во раните утрински часови, откако девојката се враќала од матурантска прослава. Осомничениот ја пресретнал со автомобил, по што таа влегла во возилото. Наместо да ја однесе дома, почнал да вози, ѝ го одзел телефонот и не ѝ дозволувал да излезе.






И покрај молбите да биде пуштена, ситуацијата ескалирала кога застанале на една локација. Девојката се обидела да избега, но тој тргнал по неа, ја нападнал и ја удирал. Потоа повторно ја внел во автомобилот и продолжил со ударите, при што ѝ нанел повреди и крварење од носот. Таа на крај успеала да се ослободи и да побара помош од случаен минувач.

Од Обвинителството за случајот велат дека станува збор за сериозен напад со елементи на насилство и ограничување на слободата на движење.

„Осомничениот на 23 мај во раните утрински часови противправно ја затворил, ја држел затворена и телесно ја повредил 18-годишната девојка со која биле во блиски лични односи. Ја удирал и ѝ нанел повреди додека таа се обидувала да се спаси“, наведуваат од ОЈО Битола.

Поради ризик од бегство, претходни инциденти поврзани со насилство и сериозноста на делото, обвинителството побарало притвор.

„Се работи за лице со насилничко однесување и контролирачки однос кон жртвата, што укажува на реална опасност од повторување на делото“, додаваат од Обвинителството.

Судијата на претходна постапка во Битола треба да одлучи по предлогот за притвор.

Поврзани содржини