Правна или килава држава
Во медиумите во Западна Европа често се укажува дека институциите во источноевропските земји се слаби. Власта го контролира општеството. Опозицијата не успева да изгради доволно кредибилитет. Медиумите се длабоко поларизирани. Повеќепартискиот систем врз трагите од постокомунистичкото наследство не успева да профункционира на соодветен начин.
Владеењето на правото во многу нешта се сведува на меѓусебно напаѓање и оцрнување меѓу политичките партии, и форсирање на партиските интереси над принципите на правната држава. Но ако владеењето на правото е поткопано, сите граѓани плаќаат цена, – беше констатирано неодамна во дебата во Европскиот парламент. Се чини дека воопшто не е тешко да се извлече заклучок дека таквиот развој во мошне голема мера ги отсликува состојбите што континуирано ја брануваат општествената и политичката сцена во Македонија.
Според индексот на владеење на правото на меѓународната организација на граѓанското општество, World Justice Project (WJP), во делот за Европа, Македонија е рангирана на 31-то место од вкупно 40 европски земји. Македонија е пласирана веднаш под Косово и Бугарија, но можеби е интересен податокот дека на ранг-листата се наоѓа повисоко од најслабо пласираната ЕУ-членка, Унгарија, која е рангирана на 34-то место. Тоа веројатно не изненадува многу со оглед на фактот дека унгарската национал-конзервативна влада на премиерот Орбан повеќе од една деценија е изложена на сериозни критики од страна на Европската комисија и други организации поради кршење на демократските правила, принципите на правната држава, како и поради продлабочувањето на корупцијата. Под Унгарија при самиот крај на листата на WJP се и Србија и Албанија.
Посткомунистичките и постсоветските земји недвојбено изразија стремеж да влезат во ЕУ, по секоја цена. Но, кога ЕУ почнува да поставува барања, големиот ентузијазам делумно се претвора во „фаќање кривини“ на европскиот пат. Во источноевропските земји сè уште се чувствува повеќедецениското влијание од нивното авторитарно наследство. Тоа е посилен фактор од руското влијание.
Во медиумите во Западна Европа често се укажува дека институциите во источноевропските земји се слаби. Власта го контролира општеството. Опозицијата не успева да изгради доволно кредибилитет. Медиумите се длабоко поларизирани. Повеќепартискиот систем врз трагите од постокомунистичкото наследство не успева да профункционира на соодветен начин. Владите во овие земји мошне често постапуваат според принципот „земи сè, или соочи се со целосен пораз“. Тешко се прифаќа и гради политичка култура на споделување на власта.
Прибегнување кон популизам и теориите на заговор се неретко белег што го крактеризира начинот на кој се спроведуваат политиките во низа источноевропски земји, без оглед дали се означени како транзициски добитници или губитници. Дали можат да се избегнат постојаните обвинувања против политичкиот противник, да се избегне политичка дебата која се претвора во уцена, проследена со неконтролирани меѓусебни обвинувања, закани, навреди и понижувања? Македонија е еден од добрите примери што јасно го илустрираат и го потврдува интензитетот на таквата негативна спирала, што резултира со губење на сигурноста и довербата во најширок општествен контекст.
Последните години прашањата поврзани со правната држава се најдоа во фокусот на вниманието во Брисел. ЕУ-членките, според Лисабонскиот договор, мораат да ги исполнат на задоволително ниво барањата за владеење на правото за да ги заштитат, меѓу другото, компаниите, економските субјекти и човековите права и слободи.
Европскиот парламент смета дека Европската комисија е премногу нејасна кога им дава препораки на земјите-членки за зајакнување на владеењето на правото. Во исто време, актуелното шведско претседателство со ЕУ добива критики за пасивност, бидејќи, како што тврди еврокомесарката за вредности и транспарентност, Вера Јурова, неопходни се мерки што ќе овозможат ефикасни промени преку кои принципите на владеењето на правото треба да функционираат како универзални вредности, без оглед на какви било разлики во сфаќањата што произлегуваат од иделошката рамка во одделни држави. Во правна држава се ограничува моќта на власта на разни начини, така што граѓаните, компаниите и здруженијата добиваат заштита против самоволието, корупцијата и неефикасноста на администрацијата. Фокусот околу ова прашање добива сè поголемо значење во ЕУ во последните години, најчесто кога станува збор независноста на судството од политичко влијание.
Во јули годинава се очекува Европската комисија да го објави својот четврт извештај за владеењето на правото, кој ќе содржи препораки како да се засили правната држава, бидејќи состојбите во некои земји покажуваат тенденции на постојано влошување на очиглед на сите. Овие прашања, се разбира, по никаков основ не можат да се оддложуваат и туркаат настрана и во земјите кандидадтки што сакаат да се зачленат во ЕУ. Токму затоа очекувањата се свртени најмногу кон Европската комисија која има одговорност и моќ да дејствува во интерес на граѓаните, а не, како што укажуваат критичарите, во интерес на политичарите. Демократијата и почитувањето на елементарните човечки права не се можни доколку не се почитуваат принципите на правната држава.
Во дебатата што се одржа во Европскиот парламент, во пресрет на усвојувањето на споменатиот извештај, многумина побараа бескомпромисен пристап од страна на Еврокомисијата кон земјите во кои злоупотребите на власта отворено го поткопуваат функционирањето на правната држава, поддржувајќи систем на неказнивост во кој корупцијата е практично неуништлива. „Простете на начинот на кој ќе се изразам“, – нагласи германската социјалдемокреатска европратеничка, Биргит Сипел, – „но тоа е неприфатливо и едноставно тера на блуење“.
Блуење, и тоа не врз систем што донекаде и би можел да се нарече правна држава, ставена во функција на оддржливи реформи и зацврстување на општествените темели врз јасно прифатен и применет принцип на еднаквост на сите пред законот. Туку блуење врз „заробен“ систем, во кој интересите на помали групи моќници се во директна спротивност со градењето функционална правна држава, бидејќи многу полесно се снаоѓаат, како риби во вода, доколку државата остане килава. А во таква држава, – слаба и килава, – за оние што живеат во неа, или што останале да живеат во неа, секогаш, откако ќе се задоволат сите лидерски и функционерски апетити, остануваат барем трошки.