ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ ПОТПИШУВАЛЕ ДЕКА ЌЕ ГЛАСААТ ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ? Митева од ВМРО-ДПМНЕ вели дека Ковачевски барал писмена гаранција
Ковачевски залудно се труди со притисоци да го промени мислењето на сите оние кои се против ваквите уставни измени затоа што дури и во самата негова партија нема доверба за спроведување на ваков процес. Жалиме што сите се сведоци на методите со кои се служи СДСМ само за зачувување на власта некој ден или месец повеќе, порача портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Очигледно е дека недоразбирањата во СДСМ придонесуваат за раст на нервозата во нивните партиски кругови. Несигурноста во себе и во сопствените пратеници изминатиов период се обидуваа да ја прикријат со лаги насочени кон ВМРО-ДПМНЕ, рече денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
– Ковачевски и Зечевиќ не можеле да ја контролираат пратеничката група и по изнесените информации од наша страна за тројца пратеници од редовите на СДС од првата и втората ИЕ кои не се согласуваат со ваквите уставни измени и за шесте пратеници од внатрешноста за кои ваквата политика на СДСМ е најлошата можна работа која тие можат да ја направат, Ковачевски свикал групна координација со пратениците на која тој сакал да ги убеди дека ова е единствениот начин СДСМ да опстане уште некој месец на власт и дека само така ќе може да ги убеди албанските партии да дадат максимална поддршка за опстанок на владата. Ова се дискутирало на средбата пред неколку дена во централниот штаб на СДСМ која имала тензичен и непријатен карактер, на која тој потенцирал дека доколку излезат во јавноста пратеници од СДСМ кои се против уставните измени тоа може да ги натера албанските коалициони партнери да ја прифатат идејата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори оваа година. Оттука, дали е точно дека тој побарал од пратениците да излезат со заеднички став и документ кој ќе биде потпишан од секој од нив поединечно дека безусловно ќе гласаат за уставните измени и влез на Бугарите во Уставот како и да се формулирани тие – рече Митева.
Исто така, додаде таа, документот имале во план да го објават вчера со што би ги демантирале нашите изјави, но тоа не се случило поради изричното несогласување на веќе споменатите пратеници.
– Ковачевски залудно се труди со притисоци да го промени мислењето на сите оние кои се против ваквите уставни измени затоа што дури и во самата негова партија нема доверба за спроведување на ваков процес. Жалиме што сите се сведоци на методите со кои се служи СДСМ само за зачувување на власта некој ден или месец повеќе. Наместо оваа голгота низ која поминува државата, да треба да биде секојдневие уште десетина месеци Ковачевски може да стави крај на своите маки со прифаќање на предвремени парламентарни избори па нека побара мандат од граѓаните за политиките кои ги води, а ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со план во три столба за надминување на кризата – рече Митева.