КОНТРОВЕРЗИИ ОКОЛУ СМРТТА НА СКОПСКИ МАТУРАНТ Ачковска ја повлече објавата дека му била подметната дрога, МВР вели дека паднал од висина
Под објава за смртта на матурантот во еден медиум, мајката на починатото момче Сузана Тренчевска потврдува дека станува збор за нејзиниот син и изразува сомнеж дека полицијата ќе го затвори случајот како самоубиство.
Министерството за внатрешни работи во кусо соопштение објави детали за смртта на средношколецот Јован од скопската гимназија „Георги Димитров“, кој во понеделникот беше погребан, откако професорката Виолета Ачковска синоќа на Фејсбук објави дека гимназијалецот починал откако му била подметната дрога во пијалак во кафуле.
„На 12.03.2023 во СВР Скопје е пријавено дека на плочник пред зграда на подрачјето на Центар е пронајден починат Ј.Т.(18). Извршен е увид од страна на полициски службеници и по насока на Јавен обвинител телото е дадено на обдукција, при што е утврдено дека починал поради повреди настанати од пад од висина“, информира МВР.
Веста за починатиот Јован прва ја објави професорката Виолета Ачковска, која денеска откако повеќе медиуми ја пренесоа, го избриша својот пост.
„Дали некој знае дека денес се погребува гимназијалец отруен со дрога ставена во пијалак во кафуле. Дали некој знае уште за неколку слични случаи на деца, кои, по халуцинацијата, се фрлат од петти кат и слични самоубиства… Можеби некој знае, но не оваа јавност, која сè уште е траурна од смртта на малата Тамара, нека почива меѓу ангелите“, напиша во објавата професорката Ачкоска, која сега е избришана.
Под објава за смртта на матурантот во еден медиум, мајката на починатото момче Сузана Тренчевска потврдува дека станува збор за нејзиниот син и изразува сомнеж дека полицијата ќе го затвори случајот како самоубиство.

„Детето е Јован, мојот син, мојот ангел, момче што беше прекрасен син. За жал, јас како мајка не успеав да му се најдам тогаш кога сум му била потребна. Да се биде родител во оваа држава е многу тешко, без поддршка од институциите. Институциите сигурно ќе го затворат случајот како самоубиство, така е најлесно. Моја вина е што го дозволив тоа, што останав тука да ги растам и воспитувам моите деца. За каде? За во „Бутел““, напиша мајката.
Засега нема повеќе детали од Министерството за внатрешни работи, како и од Јавното обвинителство дали ќе се прошири истрагата по наводите за евентуалното труење на средношколецот со дрога или можеби за лажно тврдење за причините за смртта.