ОД ЕВРОПСКАТА СТРУЈА ПОВЛЕКЛЕ И ТИЕ ШТО НЕМААТ ДОГОВОР ЗА СНАБДУВАЊЕ Ковачевски се сомнева дека меѓу нив е и Железница

Директорот на ЕСМ посочи дека МЕПСО во дадениот рок од 45 до 60 дена ќе информира за тоа кој ја повлекол струјата.

719

Меѓу оние кои повлекоа струја од европската мрежа покрај ЕСМ можат да бидат компаниите кои ги снабдуваат со струја компаниите на слободен пазар, но и компании кои немаат никаков договор за снабдување со струја како Железница, изјави денеска директорот на ЕСМ Васко Ковачевски.

Тој рече дека МЕПСО во дадениот рок од 45 до 60 дена ќе информира за тоа кој ја повлекол струјата.






-ЕСМ во неделата повлече 820 мегавати за потребните на ЕВН Хоме кој ги снабдува домаќинствата, но во системот потоа пушти 1.020 мегавати струја за да нема проблеми со балансирањето. Не можам да кажам кој друг повлекол струја. Тоа ќе го кажат од МЕПСО во законскиот рок – рече Ковачевски.

Ковачевски појасни дека во тој период временските услови биле причина за дополнително повлекување на струја од преносната мрежа.

Директорот на ЕСМ информира и дека моментално во производство се сите капацитети и очекува така да биде до јули кога ќе се одлучува за цената на струјата.

Тој рече дека ЕСМ работи со сите капацитети, и ги задоволува потребите за електрична енергија на домаќинствата, малите потрошувачи и дополнителните снабдувања и се произведени  40 отсто повеќе електрична енергија од почетокот на годината споредено со истиот период лани.

– Од 1 јануари до 8 февруари годинава АД ЕСМ преку капацитетите со кои располага произведе 720.369 мегаватчасови, што е за 40 отсто повеќе споредено со истиот период во 2022 година, а дури 86 отсто повеќе од истиот период во 2021 година. Планот за производство за 2023 година заклучно со вчерашниот ден се исполнува 102,3 отсто. Позитивните резултати во 2023 година се должат на зголемениот ангажман на вработените во АД ЕСМ и поддршката од Владата и економските ресори, како и зголемениот интензитет на работа на РЕК Битола и ТЕЦ Неготино, и подобрената хидрологија – рече директорот Ковачевски.

Тој додаде дека сите потребни енергенси, јаглен, мазут и гас се набавени, од истите има залихи и има редовни дневни испораки од добавувачите по тековните договори.

Поврзани содржини