„ДОТОГАШ РУСИЈА НЕМА ДА ПОСТОИ!“ Руски новинар на веста дека е осуден во отсуство на осум години затвор
Познатиот новинар и поранешен пратеник е осуден затоа што го осудил гранатирањето на породилиште во украинскиот град Мариупол од страна на руските сили.
Истакнатиот руски новинар Александар Невзоров денеска е суден во отсуство на осум години затвор од московскиот суд под обвинение за ширење „лажни вести“ за руската армија, објави сајтот Еуроактив.
Судот тврди дека Невзоров (64) бил „мотивиран од политичка омраза“ кога ги обвини руските вооружени сили во објавите на социјалните мрежи минатиот март за намерно гранатирање породилиште во украинскиот град Мариупол.
Во соопштението на судот се вели дека тој ќе биде испратен во казнена колонија доколку некогаш се врати во Русија.
Невзоров, кој води канал на Јутјуб со близу 2 милиони претплатници, ја нарече истрагата смешна и минатиот март ја напушти Русија со сопругата. Обвинителите побараа казна од девет години.
Невзоров одговори на пресудата велејќи: „Мислам дека Русија нема да постои за осум години“.
Тој рече дека не планира да се врати во земјата и дека претседателот Владимир Путин воспоставил „диктатура заснована на нечистотија, крв и осудувања“.
Невзоров, кој беше пратеник во рускиот парламент, доби украинско државјанство откако јавно ја осуди руската инвазија, нарекувајќи ја војната „злосторство“, а Украина нејзина жртва.