„МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ САМО СЕ ЖАЛАТ, А ИМААТ СЀ ШТО ИМ ТРЕБА“ Вработени во Поликлиника Ѓорче Петров тврдат дека состојбата е далеку од ужасна
Ги замолувам колегите матични лекари да си се обратат кај своите координатори за решавање на нивните постоечки проблеми, но никако со тоа не смее да се случи и ние како дежурна служба да бидеме вовлечени во нивниот проблем, порачува д-р Каролина Ристова Стефановска, вработена во ноќната служба во Поликлиника Ѓорче Петров.
Додека матичните лекари од подрачјето на Ѓорче Петров упорно тврдат дека кубурат со основни средства за работа (топломер, средство за дезинфекција, пулсметар…) за време на дежурствата во Поликлиника Ѓорче Петров, редовно вработените лекари во ноќната служба во оваа здравствена установа велат дека условите за работа воопшто не се лоши и дека ништо не им недостига.
По објавувањето на текстот „НА ДЕЖУРСТВО БЕЗ ТОПЛОМЕР, БЕЗ МЕРАЧ ЗА ПРИТИСОК! Лекарите во Поликлиника Ѓорче Петров оставени на цедило“ на Плусинфо, остра реакција пристигна од д-р Каролина Ристова Стефановска, вработена во ноќната служба во поликлиниката, која вели дека тврдењата на матичните лекари дека се оставени на цедило за време на дежурствата се „лажги со опашки“.
Во однос на примерот наведен во текстот со пациентката Симона, на која, иако неколкупати му потенцирала на дежурниот лекар дека е бремена, ѝ била припишана терапија која не е препорачана за трудници, д-р Ристова-Стефановска вели дека искрено жали за направениот пропуст, но дека сепак мора да се потенцира дека во тој момент на дежурство биле матичните лекари, а не редовно вработените лекари во ноќната служба.
Во продолжение ви ја пренесуваме реакцијата на д-р Каролина Ристова Стефановска во целост:
„Јас како вработен лекар во оваа ноќна служба можам да истакнам дека работиме во одлични технички и просторни услови и дека имаме соодветна апаратура неопходна за нашата служба. Работиме секој работен ден од 19:30 до 07:30 часот, викенди и празници. Во вашиот текст, во изјава на матичен лекар од подрачјето на Ѓорче Петров е наведено дека немаме ни апарат за притисок, ни пулсметар, ни топломер. Одговорно тврдам дека ова не е вистина. Ниту еден пациент не е вратен непрегледан. Во поглед на наведената пациентка Симона, во разговор со нејзиниот сопруг ни беше кажано дека таа дошла на преглед околу 17 часот во тек на саботното дежурство на матичните лекари, каде според нив е даден погрешен лек кој не е соодветен за трудници. Сакам јавно да се оградам во мое име и во име на останатите мои двајца колеги кои ја покриваме ноќната служба во врска со направениот пропуст со припишаниот лек. Ги замолувам колегите матични лекари да си се обратат кај своите координатори за решавање на нивните постоечки проблеми, но никако со тоа не смее да се случи и ние како дежурна служба да бидеме вовлечени во нивниот проблем. Значи, да бидеме појасни, ние лекарите од ноќната служба во Поликлиника Ѓорче Петров не сме доведени на цедило, како што е наведено во текстот, и ги имаме сите неопходни услови за работа и соодветна апаратура“, пишува д-р Каролина Ристова Стефановска.
Како што претходно, во неформален разговор со д-р Ристова-Стефановска ни беше објаснето, дел од матичните лекари од територијата на Општина Ѓорче Петров редовно ротираат и дежураат во Поликлиника Ѓорче Петров.