ЖЕСТОКА РЕАКЦИЈА НА СПОНА ПО КРИТИКИТЕ ЗА ТЕКСТОТ „ЃОРЃЕ ПУЛЕВСКИ, РОДОЉУБ СРПСКИ…“ Не сме прочитале како што било напишано?!

Соопштение на СКИЦ Спона по повод „злонамерно толкување на текстот за оригиналните писма на Ѓорѓија Пулевски“.

1,203

По повод бројните реакции и навредливи коментари на сметка на Српскиот културно-информативен центар Спона, поради објавениот текст „Ђорђе Пуљевски – родољуб српски – и његова писма за помоћ штампања његових речника у Београду“ ((наслов во оргинал), Спона се огласува со соопштение, кое го пренесуваме во целост:

Споменатиот текст кој е објавен на 11. јануари 2023. година на порталот  www.srbi.org.mk не е авторски текст, истиот претставува објава на факсимили и транскрипција на оригиналните и своереачно пишувани писма на Пулевски, упатени на 20 декември 1872 година до тогашниот министер за образование на Кнежевството Србија Стојан Вељковиќ, како и писмо кое самиот Пулевски го има упатено на 29 ноември 1874 година до тогашниот кнез на Кнежевството Србија, Милан Обреновиќ IV.






Споменатите писма (оригинали) ги има и во самата објава и истите се поткрепени со автентично фотографии и оригинални и со своја рака пишани лично од Ѓорѓија М. Пулевски (факсимили), а не измислени писанија и конструирани измислици од страна на Спона.

Споменатите писма на Пулевски се објавени во зборникот документи „Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија/Грађа за историју македонског народа из Архива Србије“, том III, книга 1 и книга 2, издадени заеднички од острана на Архивот на Србија и од Архивот на Македонија во 1983 и 1984 година.

Имено, во Државниот Архив во Скопје сеуште се достапни изданијата на споменатиот зборник на документи, па така сите заинтересирани можат да направат проверка на нивната автентичност.

Се поставува прашањето зошто пренесувањето на автентичните информации кои пред 40 година ги има објавено Архивот на Македонија (а пред повеќе од 150 години ги има лично пишувано самиот Пулевски), однеднаш стануваат спорни кога веродостојно и автентично ги пренесува Спона?

Дополнително, поради објавените оригинали, Спона станува предмет на осуда, говор на омраза, злонамерна коментари и бројни навреди…

Очигледно е дека голем број од „дежурните критичари“ го немаат воопшто отворено линкот до текстот, ниту прочитано истиот каде само се наведуваат оргиналните податоци лично потпишани од Ѓорѓија Пулевски (достапни во Архивот во Скопје).

Уште позагрижувачки е што со истиот наратив и побуди се водат и одредени медиуми со цел потпалување и манипулација на својата читачка публика, во тенденциозно пренесени објави без побаран став или изјава од другата засегната страна, односно СКИЦ Спона, која ова соопштение ќе го проследи до одредени медиуми со барање за јавно извинување поради тендинциозното и перфидно споделување на споменатиот текст.

СКИЦ Спона секоја издржана критика ја прифаќа добронамерно, но воедно и апелира дека спроведената хајка, како и заканите не се никако примерни посебно за стандардите на европските вредности кон кои сите тежнееме. Спона во своите објави секогаш се држи до добро (повеќе пати) проверени, автентични и оргинални информации, а не шпекулации, цензури и наметнати мислења. Нешто што очигледно некои се обидуваат да го сторат кон големиот Пулевски и писанијата на овој великан, кој секако поради своите дела и заложби тоа не го заслужува“.

ОДГОВОР ОД ПЛУСИНФО

Реакцијата на СКИЦ Спона, конкретно до Плусинфо, содржи две големи невистини.

Прво, Плусинфо не го критикува написот кој е предмет на спор или полемика, а уште помалку, пак, се изразува навредливо за авторот или за Спона. Текстот во Плусинфо е пренесена реакција на Месната заедница Галичник. И тоа е јасно кажано неколку пати.

Второ, во реакцијата на Спона се лаже дека не е прочитан и не е консултиран изворниот текст. Не само што е прочитан, туку е објавен и линк до изворниот текст, за секој читател да може самиот да го прочита.

Од овие причини, Редакцијата на Плусинфо не гледа потреба никому да се извинува.

„Лекциите“ од Спона за божемното манипулирање од наша страна, заради некакво наметнувањето мислења и цензури, ги отфрламе со индигнација и очекуваме авторот на реакцијата јавно да се извини поради тонот на својот текст што го објавивме во целост и поради манифестирана нервоза.

Ја разбираме лутината поради острите реакции во дел од јавноста на објавата на Спона на изворните документи поврзани со Пулевски, но без неопходното контекстуализирање на приказната. Сепак, Плусинфо не е тој што ја избрал авторската постапка и што правел проценка на таа постапка од аспект на уредувачката политика на Спона. Тоа не е работа на нашата Редакција – во туѓа уредувачка политика не се мешаме.

Пријателски поздрави до Српскиот културно-информативен центар Спона!

ЃОРЃИЈА ПУЛЕВСКИ ПРОГЛАСЕН ЗА „РОДОЉУБ СРПСКИ“!? Провокација од портал на Србите во Македонија

 

Поврзани содржини