Легендарниот напаѓач на италијанската репрезентација и на многу клубови од Италија, Џанлука Вијали почина утрово во 58-та година од животот. Тој пред новогодишните празници беше хоспатилизиран во Лондон, откако неговата здравствена состојба значително се влоши во последните месеци.
„Со неизмерна тага објавуваме дека Џанлука Вијали почина. Опкружен со семејството почина синоќа по петгодишна борба со болеста, соочен со храброст и достоинство. Им благодариме на многумина кои со години го поддржуваа со својата љубов. Неговиот спомен и пример вечно ќе живеат во нашите срца“, соопшти семејството на Вијали.
Пред пет години на Виjали му беше дијагностициран рак на панкреасот.
Италијанецот во кариерата го носеше дресот на Кремонезе, Сампдорија, Јувентус (со бјанконерите освои Лига на шампиони во 1996-та) и на Челси (клуб којшто подоцна и го тренираше исто како и Вотфорд).
Со репрезентацијата на Италија Виали играше на две Светски првенства, а беше и прв помошник на селекторот Манчини кога аѕурите триумфално прославија европска шампионска титула во 2021-ва кога ја покорија Англија среде „Вембли“.
Со Виали, кој зад себе остави сопруга и две деца, се збогуваат многу европски клубови.