КАМАТИТЕ РАСТАТ Банките ги заоструваат условите за кредитирање и за фирмите и за граѓаните
По зголемување на каматите забележано е намалување на побарувачката на кредити – тренд кој банкарите очекуваат да продолжи и во ова последно тромесечје од годинава, анализира порталот Порталб.
Заострената монетарната политика се одрази врз каматите на кредитите. Банките ги зголемија, што е еден од факторите за заострување и на условите за кредитирање. Банкарите очекуваат овој тренд да се одржи до крајот на оваа година, пишува Порталб.
На 31 октомври, вкупната кредитна задолженост на граѓаните и на фирмите надмина 6,7 милијарди евра. Зголемените камати, но и провизии, ја забавија побарувачката за кредити од страна на домаќинствата.
Затегнатата монетарна политика им ги врза рацете на банкарите
Компаниите во банките, по основ на кредити, се задолжени со 3,2 милијарди евра, сума која постојано расте и на месечно и на годишно ниво. Во октомври кредитната задолженост на фирмите на месечно ниво се зголемила за 1% додека на годишно за 12, 9%.
КРЕДИТИ НА ФИРМИ
Кредити во денари 1.915.300.000 евра
Кредити во странска валута 1.330.050.000 евра
Вкупно 3.245.350.000 евра
Скоро 70% од кредитите се денарски, а останатите 30% во странска валута. Во последната анкета на Народната банка, банкарите оценуваат дека побарувачката за кредити од страна на фирмите се зголемила, но дека условите за кредитирање се заострени поради повеќе причини, а една од нив е и растот на каматите, како последица на затегнатата монетарна политика.
„Банките укажуваат дека каматната стапка, барањата за обезбедување и некаматните приходи предизвикуваат нето-заострување на кредитните услови, посилно во споредба со претходната анкета“ – се наведува во Анкетата.
Поголема побарувачка за кредити има од страна на малите и среди фирми и тоа во најголем дел за краткорочни кредити додека кај големите фирми побарувачката е насочена кон долгорочни кредити.
Кредитната задолженост на граѓаните расте, ама побавно
Се зголемува и кредитната задолженост на граѓаните. На крајот од октомври домаќинствата во банките должеле 3,2 милијарди евра. На годишно ниво растот изнесува 7,5% додека на месечно 0,5%, што покажува тренд на забавување на кредитната изложеност на граѓаните. Сепак, од почетокот на годинава до крајот на октомври, кредитната задолженост на домаќинствата е зголемена за скоро 209 милиони евра.
КРЕДИТИ НА ДОМАЌИНСТВАТА
Кредити во денари 1.837.000.000 евра
Кредити во странска валута 1.409.000.000 евра
Вкупно 3.246.000.000 евра
Граѓаните најмногу должат за потрошувачки кредити – 1,8 милијарди евра, а за станбени кредити – 1,2 милијарди евра.
По подолг период на олеснети услови за кредитирање, по одлуката на НБМ за затегнување на монетарната политика, сега и банките ги заострија условите за кредитирање на населението и очекуваат овој тренд да продолжи до крајот на оваа банкарска година – пред се преку повисоки камати, но и провизии. Дел од банките веќе соопштија дека ги зголемуваат провизиите.
„За четвртиот квартал од 2022 година, банките очекуваат изразено нето – заострување на кредитните услови кај кредитите на домаќинствата. кај каматната стапка и на станбените кредити и на потрошувачките кредити се забележува заострување, за разлика од подолгиот период на нето-олеснување. Исто така, провизиите (кај станбените кредити) укажуваат на умерено нето-заострување“ – се наведува во Анкетата на НБМ.
Трендот ќе продолжи и во последното тромесечје
По зголемување на каматите забележано е намалување на побарувачката на кредити – тренд кој банкарите очекуваат да продолжи и во ова последно тромесечје од годинава.
„Во четвртиот квартал од 2022 година, банките очекуваат натамошно нето-намалување на побарувачката на кредити од страна на домаќинствата“ – соопштува Народната банка.
ПРОСЕЧНА КАМАТА НА КРЕДИТИ
Вкупни кредити 4,40%
Новоодобрени кредити 4,44%
– фирми 4,36%
– домаќинства 4,58%
Каматите на вкупните новоодобрени кредити се зголемија на 4,44%, за фирмите достигнаа 4,36%, што е највисока стапка од октомври 2021 година. На каматите за кредитите за домаќинствата во октомври во однос на септември има мало намалување, со што каматната стапка на новоодобрените кредити беше на ниво од 4,58%.
Токму во октомври годинава е регистрирана и највисоката просечна камата на вкупните кредити во однос на изминатата година (од октомври 2021), која достигна 4,40%
На крајот на октомври, вкупната кредитна задолженост и на граѓаните и на фирмите изнесува 6.734.000.000 евра.