НЕ ПРИЈАВУВАЛЕ КРАЖБИ НА СТРУЈА ВО АРАЧИНОВО Менаџери на „Електродистрибуција“ добија кривични пријави
Со толерирање на илегалните приклучоци на електродистрибутивната мрежа, сторена е штета во износ од 6 милиони евра на годишно ниво, проценува Левица во кривичната пријава.
Партијата Левица до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против двајца менаџери на „Електродистрибуција” ДООЕЛ: Сашо Салтировски и Јохен Хагеман – поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Непријавување кривично дело или сторител” – казниво по чл. 364, ст. 1 од Кривичниот законик, со предвидена затворска казна до три години.
Во кривичната пријава двајцата се товарат дека во својство на службени лица, управители на компанија за снабдување со електрична енергија, во подолг период свесно и намерно прикривале и не пријавувале кражба на струја во поголем износ, односно незаконско користење електрична енергија од страна на жителите на општина Арачиново. Со толерирање на илегалните приклучоци на електродистрибутивната мрежа, сторена е штета во износ од 6 милиони евра на годишно ниво, смета Левица.
„Очекуваме, надлежното ОЈО – Скопје, сериозно да ја земе во работа оваа наша издржана кривична пријава и по неопходниот распит на пријавените, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за ова продолжено кривично дело, да покрене обвинение против актуелните управители на ова правно лице. Со ова, еднаш-засекогаш би се ставил крај на сè позачестената неказнивост на дивите приклучоци на струја во оваа конкретна општина“ – се вели во соопштението на Левица.