„ОГНЕНИТЕ“ ЌЕ СТАНАТ ФРАКЦИЈА ВО ДУИ? Можни последици на евентуалното влегување на Алијанса во владата
За утре е закажана седница на Централното претседателство на ДУИ, на која треба да продолжи дебатата околу отчетот на работата на министрите од оваа партија.
Ако Алијанса за Албанците стане дел од Владата, тогаш таканаречената „огнена група“ во ДУИ, предводена од Изет Меџити, ќе ги реализира своите најави дека ќе делува како фракција внатре во партијата на Али Ахмети, велат извори во ДУИ.
Според овие извори, не држи објаснувањето дека Алијанса влегува во владата поради уставните измени, зашто тие и онака најавуваат дека ќе ги поддржат, без разлика дали се во власт или во опозиција. Мотивот за влегување на партијата на Арбен Таравари во владата, според изворите во ДУИ, се да се намали влијанието на Меџити и на неговата група. Целта е да се намали притисокот врз сегашните министри од редовите на ДУИ, чии смени бараше групата на Меџити, пред се од вицепремиерот Артан Груби.
Инаку, Меџити контролира најмалку уште еден пратеник во ДУИ, а има и блиски релации со независниот пратеник Кастриот Реџепи, како и комуникација со Скендер Реџепи и со уште неколку пратеници. Тоа Значително ја зголемува неговата важност во ситуација кога Владата има тенко мнозинство од 64 пратеници, велат изворите. Влегувањето на Алијанса со 8 пратеници тоа значително ќе го измени.
За денеска напладне е најавена средба меѓу лидерите на СДСМ и на Алијанса, Димитар Ковачевски и Арбен Таравари, а за утре е закажана седница на Централното претседателство на ДУИ. На оваа седница треба да продолжи дебатата околу отчетот на работата на министрите на ДУИ, при што најмногу на критики се очекува да биде изложен вицепремиерот Артан Груби.