ВО ИСТ ДЕН СЕ „ПЕЛЦУВАНИ“ Ковачевски посакува тој и Еди и двете „прогресивни влади“ истовремено да стасаат во ЕУ
Македонскиот премиер рече дека ни претстои „да пристапиме и кон други потреби чекори во Парламентот", со цел во динамичен процес да ги заокружиме пристапните преговори со ЕУ.
Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Албанија никогаш не биле подобри од тоа што се денес и слободно можеме да кажеме како два соседа може и треба да соработуваат, истакна премиерот Димитар Ковачевски во официјалното обраќање на денешната заедничка седница во Скопје на владите на Северна Македонија и на Албанија.
– Не толку одамна целиот Балкан беше во заложништво на ретроградни политики. Потребна беше визија да се види регионот како целина, своите држави како дел од целината и да се дејствува во правец на заедничка европска иднина. Потребни беа прогресивни раководства кои можат да се издигнат над личните политички интереси и лидери кои гледаат напред и кон утре. Повеќе од јасно е дека заедно секогаш можеме повеќе затоа за неколку кратки години преку искрена политичка волја за напредок ние постигнавме и многу повеќе од тоа што можеше тогаш да се замисли. Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Република Албанија никогаш не биле подобри од тоа што се денес. Слободно можеме да кажеме дека сме пример како два соседа, може и треба да соработуваат – рече премиерот Ковачевски.
Тој се осврна и на соработката во услови на криза како во рамки на иницијативата Отворен Балкан и во рамки на Берлинскиот процес, на унапредувањето на билатералните односи и соработката во сферата на одбраната како рамноправни партнери од доверба на НАТО и на САД.
– Некои не веруваа, но ете ние заедно зачекоривме и во европските интеграции. На 19 јули двајцата во име на нашите држави и граѓаните ја имавме честа да ги чуеме зборовите „ги означувам преговорите за започнати” кои ги изговори чешкиот министер за надворешни работи. Вашата поддршка и твојата поддршка на политичката маса во тие денови во Брисел е непроценлива и јас засекогаш ќе ја паметам и ценам. Како што се вели во маката се познаваат пријателите, а ти Еди и вие почитувани колеги од Албанија покажавте вистинско и искрено пријателство и недвосмислена поддршка и на европскиот пат, но и при нашето зачленување во НАТО. Ние имаме иста цел полноправно членство и на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. Како прогресивни влади вложивме многу труд и покажавме дека само со соработка има напредок – потенцира Ковачевски, нагласувајќи го значењето на реализацијата на проектите за инфраструктурно поврзување на двете земји.
Тој оцени дека отворањето на преговорите и започнувањето на скринингот е огромен успех за сите нас, процесот е започнат и сега со целосно заштитен идентитет и национални интереси, признаени и потврдени во Европа, напредуваме во реформите за да обезбедиме европски стандарди и принципи.
– За нас македонскиот идентитет и македонскиот јазик, признанието од Европа беше многу важно. Преговорите беа мачни и тешки, но успеавме да го постигнеме она за кое се боревме – да го зачувавме македонскиот јазик и да го издигнеме на исто рамниште со останатите јазици на ЕУ. Македонскиот идентитет ќе продолжи да се развива како дел од комплексниот европски идентитет. Доказ за нашиот напор и исполнетото ветување беше Договорот за ФРОНТЕКС, потпишан со сите 27 членки на македонски јазик без никакви додавки или фусноти, рече Ковачевски.
Тој додаде дека ни претстои „да пристапиме и кон други потреби чекори во Парламентот”, со цел во динамичен процес да ги заокружиме пристапните преговори со ЕУ.
– Нема простор повеќе за оправдување, кои што би го закочиле пристапот на евроинтеграции на нашата држава. Сега се е во наши раце. Очекувам пратениците да покажат одговорност и во Парламентот со цел да продолжиме брзо да се движиме кон ЕУ. Како што заедно ги започнавме преговорите, Северна Македонија и Албанија ја имаат можноста заедно и да ги завршат преговорите – порача премиерот Димитар Ковачевски.