Конфликт за под килим

Отсуство на каква било тактичност од бугарска страна, во однос на основните постулати врз кои се темели самостојноста на македонската државност и сувереноста на македонскиот народ, не водат кон надминување на недоразбирањата, исклучивоста и недовербата во соседските односи, туку, напротив, придонесуваат кон заострување на непријателствата од двете страни и кон продлабочување на конфликтните состојби.

497

За Бојко Борисов, судејќи според медиумските извештаи, во односите меѓу Бугарија и Македонија постои сè и сешто, но најмалку конфликт. „Целиот регион е во конфликт, освен Бугарија и Северна Македонија“, нагласил поранешниот бугарски премиер во своето предавање што го одржал пред слушателот Бујар Османи.

Доколку со извесна доза на наивност и лежерност ги толкуваме ваквите изјави, ќе испадне дека Договорот за пријателство, соработка и добрососедство, чиј потписник од бугарска страна беше токму Борисов, бил натопен со солзи радосници и еуфорија, а не со недоумици и фрустрации, бидејќи конечно созреало времето „да им свртиме грб на конфликтите и провокациите на кои бевме сведоци во последно време“.






Би можело да се постави прашање за која публика се всушност наменети предавањата на Борисов. Конфликтите што тој не ги гледа, и ги потиснува од сопствениот видокруг, ги наоѓа кај други. Кај целиот регион, како што вели. Србија и Косово, Украина и Русија, Турција и Грција. Сите се во конфликт во регионот, смета тој, останува уште „ние и Северна Македонија да влеземе во конфликт“.

Но останува нејасно за каков вид конфликти зборува Борисов. И дали тој зборува во свое лично име или тоа што го кажува всушност би сакал да биде сфатено како став на официјална Софија? Веројатно не мисли пред сè на вооружени конфликти, бидејќи такви не се сите примери во регионот што тој ги посочува.

Турско-грчките меѓудржавни односи несомнено имаат капацитет да бидат проследени со сериозни последици, но во сегашнава ситуација тој конфликт се манифестира како судир на спротивставени ставови и мислења, често на негаторска основа и во отсуство на меѓусебен респект во соседските односи, како и од државни позиции од кои се заоструваат закани и форсирање на територијални претензии.

Без оглед на можните споредби со бугарско-македонските меѓудржавни односи, тешко дека би можел да се избегне заклучокот, па макар и со најдобра волја изразена преку невешто поттурнување на проблемите под килим, дека Бугарија се оградува од територијални претензии кон својот западен сосед, негирајќи ги, од највисоки позиции на државниот врв во Софија, македонската историја, јазик и националната самобитност. Отсуство на каква било тактичност од бугарска страна, во однос на основните постулати врз кои се темели самостојноста на македонската државност и сувереноста на македонскиот народ, не водат кон надминување на недоразбирањата, исклучивоста и недовербата во соседските односи, туку, напротив, придонесуваат кон заострување на непријателствата од двете страни и кон продлабочување на конфликтните состојби.

Кога денес се зборува за т.н. државен национализам, се мисли пред сè на државата како обединувачки фактор. Се смета дека функцијата на државата, кога станува збор за нацијата, е да овозможи доближување и обединување на граѓаните околу фундаменталните вредности врз кои се потпира историскиот развој на националната посебност, како и припадноста кон неа. „Едно општество за сите“, беше промовирано во Македонија како државен концепт во таква насока, иако потоа доживеа низа импровизации и застранувања во замавот на коалициската меѓупартиска и меѓуетничка трговија за освојување на политичка моќ и влијание.

Перспективата е поинаква кога платформа за државно обединување станува етно-национализмот – една држава, еден народ, – а за што типичен пример е Бугарија. Етничката припадност се издигнува на ниво на клучен критериум, вграден во темелите на нацијата. Суштината е всушност во тоа дека етно-национализмот го промовира етницитетот како нешто изворно и непроменливо, гледано од аспект на јазикот, културата, историјата и религијата, без оглед што делови од „истиот“ народ во соседството се движеле по малку поинаква историска линија на национален и државен развој. Оттаму, во Бугарија постојано до израз доаѓаат заложби во форма на стремеж за етно-националистичко обединување, што дури ќе ги премине сопствените државни граници и ќе ги нивелира „вештачки“ наметнатите разлики во „заедничката историја“.

Различните форми на национализам често доаѓаат во директен меѓусебен конфликт, како во рамки на границите на одделни држави, така и во односите со други земји. Низа конфликти во светот може да се разберат подобро поаѓајќи токму од таа конфликтна спротивставеност на различните начини на сфаќање и гледање на нацијата и нејзиниот етнички состав. Тоа станува јасно доколку нештата се погледнат пред сè од аспект на културното наследство кое во денешна Европа сè повеќе тежнее да исполитизира нови конфликти. Путиновото толкување на украинската историја, без оглед на тоа какво стратегиско значење ќе му се припише на таквиот пристап кон конфликтни состојби, доволно јасно зборува за тоа.

Но со каква политичка цел се заговара етно-националистичкото обединување на историските бугарски земји? „Што лошо сме им направиле на соседите за да заслужиме лош третман од нивна страна и свирежи на бугарската химна“, се прашува поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ.

Во медиумските извештаи не може да се прочита, па затоа може само да се претпостави дека неговиот соговорник, министерот Османи, му ставил јасно до знаење дека бугарските барања веќе наидоа на значајна доза компромисна волја и попустливост од страна на македонската влада, но дека таа попустливост не може да оди во бескрај, и дека има свои граници, бидејќи незадоволството и отпорите против начинот на кој се развиваат македонско-бугарските односи добиваат загрижувачки размери во пошироката македонска јавност.

Османи можеби рекол нешто во таков дух, или нешто сосема друго, но веројатно не седел само како слушател на средбата во Софија. Немаме никаков конфликт меѓу нас, тврди Бојко Борисов. А ова што го гледаме, и што не вознемирува, е само прашина што ни го замаглува погледот и која полека ќе се слегне откако меѓусебниот конфликт добро ќе го истуркаме и запретаме под килимот.

Поврзани содржини