3 КУЧИЊА ИЗВЛЕЧЕНИ ОД ДЛАБОК БАЗЕН Спасувачка акција во Усје (ГАЛЕРИЈА)
Трите кучиња со сајли биле извлечени од базенот.
Три кучиња се спасени по двочасовна спасувачка акција вчера во кругот на Цементарница „Усје“. Трите кучиња со сајли биле извлечени од базен длабок 3 метри во кој имало атмосферски води.
„Базенот таложник во кој паднале кучињата е базен/таложник во кој се собираат атмосферските води пред нивно пречистување. Сите фекални води од фабриката се раздвоени од мрежата на атмосферската канализација и преку посебна мрежа се приклучени на градската фекална канализација“, објаснуваат од Цементарница „Усје“.
Никој не знае како бездомните кучиња паднале во базенот, но спасувачите велат дека доколку задоцнеле макар половина час, кучињата ќе биле мртви. Кучињата квичеле и поради тоа биле слушнати од вработените во Цементарницата, кои го пријавиле случајот во ЈП Лајка.
Веднаш потоа заловувачите од прифатилиштето ЈП Лајка, Магдалена и Тони, се упатиле во фабриката за да помогнат.
„Во својата заловувачка акција, Магдалена и Тони херојски извадија и спасија три бездомни кучиња паднати во базен/таложник во кои се собираат атмосферски води од кругот на фабриката пред нивно пречистување. Трите кучиња од голем страв избегале преку каналот кога здогледале луѓе и стигнале до големата шахта, од каде со тешки напори, но со голема упорност овие двајца наши херои успеале да ги извадат. Спасените кучиња, од кои две женки (една од нив скучна) и еден мажјак се наоѓаат веќе згрижени во прифатилиштето на ЈП Лајка. Би сакале да им се заблагодариме и на вработените од оваа фабрика, кои асистирале и им помогнале на заловувачите во оваа акција. Ова херојско дело заслужува голема пофалба, им благодариме на Магдалена и Тони за брзата, ефикасна и хумана реакција во овој херојски чин“, соопшти Лајка преку својот профил на Фејсбук.
Со возилото на Лајка кучињата веднаш биле однесени во стационарот, каде од ветеринарите добиле третман, биле нахранети и сè уште се под надзор во посебен дел на прифатилиштето, бидејќи се преплашени и под стрес.