„Виз Ер Скопски маратон” се одржува денеска во Скопје. Ќе учествуваат 8.500 професионални и аматерски натпреварувачи од 47 држави. Организаторите апелираат до жителите на главниот град масовно да излезат на улиците и да им дадат силна поддршка на учесниците.
Скопскиот маратон традиционално е во организација на Сојузот на спортови на Град Скопје, а и годинава се организира со поддршка со локалните власти, бројни спортски клубови и асоцијации, под покровителство на Град Скопје, Агенцијата за млади и спорт и Канцеларијата на Европската унија.
Стартот на маратонот, полумаратонот, штафетната маратонска трка, како и трката на пет километри ќе биде во 8 часот пред Собранието, а целта на сите трки повторно ќе биде на Плоштадот „Македонија”.
Скопскиот маратон годинава ќе има измената рута која ќе се движи од центарот на Скопје, до населбата Хром, по што рутата се враќа назад до центарот на градот преку булеварите „Трета Македонска бригада”, „Србија” и „Јане Сандански”.
Годинашното издание на маратонот ќе биде посветено на основачот на манифестацијата Ѓорѓи Кузмановски, кој почина во понеделникот на 80-годишна возраст.
Манифестацијата е поддржана од голем број спонзори, а авиокомпанијата „Виз Ер” на сите учесници и оваа година ќе им додели ваучери во износ од 20 евра.
Поради одржување на трките од „Виз Ер Скопски маратон”, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје денеска ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на поширокото подрачје на град Скопје, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Трките почнаа во 07.30 часот, со следните траси на движење:
Траса на движење на трката од 5 км: Старт пред Собрание, право по ул.„11 Октомври”, лево по бул.„Крушевска Република”, десно по бул.„Трета македонска бригада”, па полукружно на крстосницата помеѓу бул.„Трета македонска бригада” и ул.„Коста Новаковиќ” и по истата траса назад до целта – Собрание на РСМ на ул.„11-ти Октомври”.
Траса на движење на полумаратонот од 21 км и штафетната трка на 42 км (со напомена дека за штафетната трка на 42 км натпреварувачите се движат два пати по наведената траса): Старт пред Собрание на ул.„11 Октомври”, право кон Плоштад Македонија низ Порта Македонија, лево по ул.„Никола Вапцаров”, десно по ул.„Димитрие Чуповски”, па лево по бул.„Св.Климент Охридски”, десно по ул.„Св.Кирил и Методиј”, право по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов”, потоа право по ул.„Војвода Васил Чакаларов”, сѐ до крстосница со ул.„Исаија Маџовски”, каде се врти полукружно назад по истата траса, сѐ до Собрание на ул.„11 Октомври” и се продолжува право по ул.„11 Октомври”, лево по бул.„Крушевска Република”, десно по бул.„Трета македонска бригада”, лево по бул.„Србија” (во спротивен правец), лево по бул.„Јане Сандански” (во спротивен правец), сѐ до крстосницата со ул.„Јане Сандански”, каде се врти полукружно по истите улици до целта – Плоштад Македонија.
Од МВР апелираат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници по сообраќајницата каде ќе се одвиваат трките со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.