НАЗНАЧУВАЊЕТО ДИРЕКТОРИ ОД ДУИ БИЛО ПРЕСУДНО Абази и Арсовска си кажаа што имаа да си кажат
Бујаре Абази не беше партиско решение и на функцијата заменик беше назначена како личност која треба да ги застапува интересите на граѓаните, реагираше Град Скопје преку соопштение.
Искрено жалиме поради тоа што заменик-градоначалничката Бујаре Абази одлучи својата партија да ја стави пред интересот на градот и скопјани, но тоа е нејзина одлука.
Вака одговори Град Скопје преку соопштение откако претходно Абази ја информираше јавноста дека си поднесува неотповиклива оставка од позицијата заменик-градоначалник, поради тоа што, како што објасни, не сака да биде во коалиција со ДУИ.
Инаку, Абази доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците, па најверојатно не ѝ се допаднала одлуката на градоначалничката Данела Арсовска на чело на две институции да постави двајца директори од редовите на ДУИ.
„Бујаре Абази не беше партиско решение и на функцијата заменик беше назначена како личност која треба да ги застапува интересите на граѓаните. Департизацијата во институциите мора да биде постулат врз кој ќе се градат професионални јавни институции, а секој кој партиските интереси ги става над јавниот интерес, јасно е дека не може да функционира во насока на соодветно застапување на скопјани“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Опширно објаснување за оставката пристигна и самата Абази, која го достави до јавноста преку партиско соопштение.
„Алијанса за Албанците од своето формирање континуирано демонстрира принципиелна и транспарентна политика. Во многу наврати докажавме дека не дозволуваме да ни се нарушува достоинството, не правиме и не прифаќаме пазарења на штета на граѓаните и не прифаќаме да бидеме таму кадешто се прекршуваат договорите. На последните локални избори во Град Скопје ветивме дека ќе ги тргнеме од власт тие коишто наштетија, ограбуваа и им го влошија животот на скопјани. Но, актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, направи две скандалозни прекршувања на договорот и заложбата што ја дадовме пред граѓаните. Целата јавност вчера беше сведок како Арсовска им даваше власт на структури кои со години им нанесуваат тешка штета на Албанците воопшто и на скопјани особено. Поради овие причини и тие наведени на почетокот, сакам да ја информирам јавноста дека денеска поднесувам оставка од функцијата заменик-градоначалник на Град Скопје и дека актуелното раководство нема да ја има нашата поддршка“, наведено е во соопштението.
НЕ САКАМ ДА БИДАМ ВО КОАЛИЦИЈА СО ДУИ Заменичката на Данела Арсовска си поднесе оставка