РАБОТНИЦИТЕ ЧЕКААТ МИЛОШОСКИ ДА ЗАКАЖЕ СЕДНИЦА Талески вели дека Отворен Балкан треба да тргне од Собранието
Проектот, за жал, сѐ уште не може да почне бидејќи меѓународните договори со кои се уредува оваа материја не се ратификувани, а не се ратификувани затоа што Милошоски упорно не закажува седница на Комисијата, рече Талески.
Претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонио Милошоски итно да закаже седница и на дневен ред да ги стави законите за ратификација на договорите кои произлегуваат од регионалната иницијатива Отворен Балкан, повика денеска Миле Талески, пратеник на СДСМ.
Станува збор за договори со чија ратификација граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија ќе добијат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци.
– Овие договори ќе овозможат нови работни места, пополнувања на недостигот од кадри во приватниот сектор во секоја од трите држави. Ова е од огромна помош за фирмите кои имаат свои претставништва во трите држави за полесно да отвораат нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа – рече Талески.
Тој потсетува дека институциите на Македонија, Србија и на Албанија ги завршиле сите подготовки за либерализирање на пазарот на трудот и дека се подготвени за издавање на Идентификациски број за граѓаните кој е неопходен технички предуслов за слободно движење на пазарот на трудот во сите три држави, без издавање работни дозволи.
– Но, овој проект, за жал, сѐ уште не може да почне бидејќи меѓународните договори со кои се уредува оваа материја не се ратификувани, а не се ратификувани затоа што Милошоски упорно не закажува седница на Комисијата, каде тие ќе бидат на дневен ред – рече Талески и додаде дека одлагањето на ратификацијата на овие договори е на штета на државата и на граѓаните.