ВНИМАВАЈТЕ НА ВЕЛОСИПЕДИ И ИГРАОРЦИ В сабота посебен режим на сообраќај во Центар и во „Ѓорче“
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните.
Поради велосипедска трка – „Куп на Град Скопје 2022″, која почнува во утре, сабота, во 16.00 часот, како и фолклорен фестивал во истиот термин, во Скопје ќе има посебен режим на сообраќај, информира МВР
Трката, во организација на Велосипедската федерација на Македонија, ќе тргне од ул.„Димитрие Чуповски” кај порта „Македонија”, и ќе се движи по трасата – ул.„11-ти Октомври” кон зградата на Собрание на РСМ до крстосница со ул.„Филип Втори Македонски”, лево по ул.„Филип Втори Македонски” до влезот на ГТЦ. Понатаму се поминува под ГТЦ и се доаѓа до Порта Македонија каде се продолжува право по ул.„Димитрие Чуповски” се до крстосница со ул.„Даме Груев” кај Палома Бјанка и назад по ул.„Димитрие Чуповски” се до стартно-целната позиција.
Исто така со почеток во 16.00 часот во сабота, во организација на фолклорен ансамбл „Григор Прличев” ќе се одржи прв меѓународен детски фолклорен фестивал „Златен вез 2022″ кој ќе зафаќати дел од ул.„Ѓорче Петров” од крстосницата со ул.„Никола Пушкаров” до крстосницата со ул.„Македонска Војска” во Скопје.
„Од тие причини Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на горенаведените сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните“ – се вели во соопштението.