РЕШЕНИЕТО Е КАЈ ЗЕЛС И ВЛАДАТА Милевски очекува комуналците да добијат помош
Министерот рече дека Mинистерството нема пари за тоа, а 1,5 милиони евра, со кои располага им ги доделува на општините.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски е во постојана комуникација со градоначалниците, но и со директорите на комуналните претпријатија, коишто се соочуваат со високите сметки за електрична енергија и во прашање им е доведена ликвидноста. Министерот, Милевски истакна дека најголеми финансиски проблеми имаат претпријатијата, на кои водоснабдувањето им е со пумпи, што се големи потрошувачи на електрична енергија.
-Доведена е во прашање ликвидноста на јавните претпријатија, меѓутоа ние како министерство можеме само да го пренесиме нивното барање. Ние како министерство немаме финансии за тоа, ви кажав нашите средства се 1,5 милиони евра, што им ги доделуваме на општините – вели Милевски.
Тој рече дека Владата треба да донесе одлука за помош на општините и јавните претпријатија, а Министерството за финансии ако има средства или да се изнајдат, како и да се понудат некои поволности за општините и јавните претпријатија, со цел полесно да ја пребродат енергетската криза.
-Сепак основната клетка на комуникација на државата со граѓаните се општините и локалната самоуправа. Се разбира и јас поддржувам дека треба да изнајдеме механизам, заеднички, не само Владата, државата и локалните претпријатија, општините да излеземе во пресрет на барањата на граѓаните, бидејќи навистина оваа криза ќе ги удри сите, најмногу нас како граѓани. Ние живееме во градовите и имаме проблеми со осветлувањето – вели Милевски.
Тој додеаде дека досега имал неколку состаноци со ЗЕЛС и смета дека најитно треба да се најде заеднички јазик меѓу двете страни и да се решат проблемите.
Милевски истакна дека Владата секојдневно работи на нови мерки за да се ублажи ударот од енергетската криза.