ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА КУЛТУРНИТЕ ВРЕДНОСТИ Млади од Европа на првата теренска школа во „Стоби“

Учесниците и вработените на „Стоби“ беа и првите корисници кои ја тестираа новата мобилна апликација Immersium, која претставува дигитална алатка за самостојно истражување и забава на посетителите.

156

Oд 29 август до 03 септември се одржа првата теренска школа на археолошкиот локалитет „Стоби“, каде што 10 млади (од 18 до 35 години) претставници на културниот и креативниот сектор, од повеќе земји од регионот и Европа учеа, разменуваа искуства и работеа на развој на дигитални алатки кои користат нови технологии во промоцијата и дисеминацијата на културното наследство.

Еднонеделната програма вклучуваше предавања, работилници, практични искуства од регионот, културни посети и хакатон за развој на имерзивни културни искуства. Претставници од културниот и креативниот сектор од Македонија, Словенија и Грција преку своите презентации ги воведуваа учесниците во примената на новите технологии, како виртуелна и аугментирана реалност, гемификација и интерактивни содржини во развојот на нови имерзивни културни доживувања на археолошките и културните локалитети.






Учесниците воедно имаа можност и да се запознаат со локалитетот „Стоби“ преку предавања на археолозите и преку користење на двете дигитални алатки кои се веќе достапни за посетителите: првата VR апликација „Гладијаторите се враќаат во Стоби“ и новиот „Аудио и QR водич“.

Во рамки на школата учесниците и вработените на „Стоби“ беа и првите корисници кои ја тестираа новата мобилна апликација Immersium, која претставува дигитална алатка за самостојно истражување и забава на посетителите. Мобилната апликација користи игри, интерактивен наратив, аугментирана реалност и мултимедијални содржини и ги води посетителите низ незаборавно културно доживување. Апликацијата од оваа есен ќе биде достапна за три археолошки локалитети: „Стоби“ (Македонија), „Емона“ (Словенија) и „Виминациум“ (Србија).

– Имајќи предвид дека живееме во ера на дигитализација, на виртуелна и аугментирана реалност, гемификација, како и останатите сектори, вклучително и културниот сектор треба  да се прилагодува на промените. Само со користење на новите технологии, може археолошките локалитети и културното наследство да го доближиме до младите, локалитетите да понудат повеќе содржини и поинаку да го доживееме целокупното културно наследство – истакнаа Зорица Велковска и Милан Танчески, коосновачи на Центарот на социјални иновации БЛИНК  42-21 за важноста од воведувањето на новите технологии во истражувањето и промоцијата на  културното наследство.

Програмата „IMMERSIUM Heritage Field Schools“ се организира во рамки на проектот „Соработка за имерзивно раскажување за десиминација и промоција на културното наследство на Западен Балкан”, поддржан од Европската унија преку програмата „Креативна Европа“.

БЛИНК 42-21 како водечка организација, во соработка со Балканската Фондација за Наследство (Balkan Heritage Foundation) ги организира овие теренски школи на уште два археолошки локалитети во регионот и тоа во „Емона“, Словенија (од 20 до 26 септември) и „Виминациум“, Србија (од 27 септември до 3 октомври).

Повеќе информации за проектот можете да добиете преку посета на официјалната Facebook страница и Instagram профил – @immersium.eu .

Поврзани содржини