НЕ Е ДОВОЛНО САМО ДА СЕ КАЖЕ ДЕКА ЌЕ СЕ ШТЕДИ СТРУЈА Ќе успее ли владата навистина да ги спроведе своите мерки?
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави и казни за раководителите на институциите и на јавните претпријатија во сопственост на државата, но рече дека за општините, компаниите и домаќинствата државата препорачува да го намалат трошењето на струјата која оваа зима ќе биде тешко да се обезбеди.
Мерките и препораките на владата за штедење струја се добри и корисни, но ќе треба да се најде начин како тие да се спроведат како во јавниот така и во приватниот сектор и кај домаќинствата, коментираат експерти и граѓани по вчерашната одлука на владата од септември да почне да се намалува потрошувачката на струја за 15 отсто.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави и казни за раководителите на институциите и јавните претпријатија во сопственост на државата, но рече дека за општините, компаниите и домаќинствата државата препорачува да го намалат трошењето на струјата која оваа зима ќе биде тешко да се обезбеди со оглед на случувањата во светот.
Професорот Ристо Цицонков кој долги години се занимава со проблемот на штедење енергија вели дека секој обид да се заштеди енергија е добар и очекува владата да биде доследна во примената на она што го зацртала како мерки за штедење.
– Она што го предвидува владата околу штедењето на енергијата е доволно на прв поглед. Меѓутоа не е доволно само декларативно да кажеме дека ќе штедиме енергија. Треба да се спроведе тоа. Спроведувањето секогаш е слабата страна кај нас. Имаме и стратегија за енергетски развој во која се планирани низа елементи, но таа не се спроведува. Значи не се проблем мерките, бидејќи секоја акција за заштеда на енергија е добредојдена, туку изостанува спроведувањето – вели Цицонков.
Тој е скептичен во однос на спроведувањето на препораките за домаќинствата и за компаниите.
– Ако за јавниот сектор има можност да се контролира дали во текот на месецот заштедиле 15 отсто од потрошувачката на енергија, како тоа ќе им го мерите на приватните компании и на домаќинствата кои вообичаено и во изминатиот период не се обидувале да штедат енергија? Државата која едвај го полни буџетот не може да ги поттикнува домаќинствата со различни видови субвенции и акции како што тоа можат да го прават западните земји – додава тој.
Според него, од многу аспекти е важно да се штеди енергија.
– Не само поради оваа криза туку главно поради климатските промени за кои во земјава малку се зборува, а секаде во светот не се кажува дека последиците од глобалното затоплување ќе се чувствуваат со векови – вели Цицонков.
Стручњаците за штедење енергија велат дека е потребно секој корисник на енергија прво да се преиспита како ја користи енергијата, па потоа да согледа каде може да заштеди без посебни рестрикции и потоа да се придржува кон одделни препораки на експертите како може да заштеди енергија.
Според нив, со придржување кон одредени правила за штедење секој дом може да заштеди и до 50 отсто електрична енергија. Според нивните пресметки, секој степен на клима уредот е заштеда од 5 отсто при пресметување на струјата. Изолираниот ѕид штеди 30 отсто од енергијата, економичните светилки трошат 3 до 4 пати помалку струја, а експрес лонецот го сведува готвењето од 1 час на 10 минути.
Граѓаните различно гледаат на мерките и препораките на владата за штедење струја. Дел од нив воопшто не размислуваат за штедење, а други велат дека и во нормални услови штедат енергија. Сите бараат државата и општините да бидат поштедливи во однос на потрошувачката на струјата која се плаќа од нивниот џеб.
– Па нели ни ставија 4 тарифи за плаќање на струјата. Сега ќе нè ограничуваат да трошиме струја? Кој ќе потроши повеќе и ќе плати. Тие само нека се трудат да произведат доволно – вели Марио К. од Скопје.
Скопјанка, пак, вели дека не памети кога не штедела струја.
– Кај нас секогаш се штедела струја. И кога бев мала и подоцна секогаш се почитувале правилата на штедење: готвење на соодветна рингла, пеглање еден куп алишта наеднаш, користење евтина тарифа и слично. Но сега со укинувањето на дневната тарифа стан проблем. Мораме ноќе да переме и да готвиме. Но и без препораки сме принудени да штедиме зашто платите не стигаат до крајот на месецот со новите цени на храната и на струјата – вели таа.
Повеќето од граѓаните со порака до институциите и општините да штедат како дома.
– Не сме проблем ние граѓаните кои штедиме со години, проблем се институциите во кои никој не се грижи колку се троши. Згради како светлечки реклами, вклучена струја 24 часа во просториите, клима кога ќе влезеш да се замрзнеш и не само тоа па најголемиот број од општините кај нас не водат сметка дали светилките на улиците светат дење или ноќе. Тука да се поведе сметка и да се спроведе она што се кажува, не само да се бара граѓаните да штедат а институциите да трошат колку што сакаат – вели Борис Ѓ. од Ѓорче Петров.
Мерките и препораките на владата треба да почнат да се спроведуваат од 1 септември годинава и да траат до 30 март следната година кога официјално завршува грејната сезона.