„НЕМОРАЛНО“ ПРОФИТОТ ИМ СКОКНА ЗА 100 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ Гутереш бара парите од одночување на нафтените компании да се користат за помош на сиромашните
Според првиот човек на ОН, „неморално“ е тоа што најголемите енергетски компании во првиот квартал од годинава оствариле комбиниран профит од приближно 100 милијарди долари.
Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш ја критикуваше „гротескната алчност“ на компаниите за нафта и за гас поради рекордните профити што ги остваруваат од енергетската криза на сметка на најсиромашните луѓе во светот.
Тој истакна дека е „неморално“ тоа што најголемите енергетски компании во првиот квартал од годинава оствариле комбиниран профит од приближно 100 милијарди долари.
Гутереш ги повика сите влади да ги оданочат овие прекумерни профити и да ги користат даночните средства „за поддршка на најранливите општествени класи во овие тешки времиња“.
Генералниот секретар на ОН го презентираше и извештајот на Глобалната група за одговор на кризи, која ја формираше за да се справи со три меѓусебно поврзани глобални кризи – храна, енергија и финансии, кои особено ги погодија земјите кои се обидуваат да закрепнат од пандемијата со ковид-19 и да се справат со катастрофалните последици од војната во Украина.