ПЛАЌАЈТЕ ГИ СМЕТКИТЕ ЗА ПАРНО „Балкан енерџи“ ќе грее до изборот на нов снабдувач
Регулаторната комисија за енергетика ги одзеде сите лиценци за снабдување со топлина на БЕГ што влијаеше дел од граѓаните да се двоумот дали да ги плаќаат сметките.
Регулаторна комисија за енергетика ги повика граѓаните кои користат парно да ги плаќаат редовно сметките, бидејќи како што велат од таму, според Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем потрошувачот е должен редовно да ги плаќа сметките за испорачаната услуга.
Од РКЕ информираат дека постојниот вршител на енергетска дејност којшто побарал престанување или на кого му е одземена лиценцата, согласно Законот за енергетика е должен да ја обезбедува јавната услуга се до избор на нов вршител на енергетската дејност, односно во случајов производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија. До изборот на нов вршител на енергетската дејност, БЕГ има должност да ја врши јавната дејност за производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија.
– Потрошувачот има обврска да го плати износот на доспеаната фактура и неплатените фактури од претходните календарски месеци наведени во фактурата за последниот календарски месец како што е наведено во Правилата за снабдување со топлинска енергија – велат од РКЕ.
Дел од граѓаните престанаа да ги плаќаат сметките за парно откако РКЕ ги одзеде сите лиценци на БЕГ.