АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД СЕ ГРАДИ СО ОДЛИЧНА ДИНАМИКА Николоски најави негово пуштање во мај следната година
Вицепремиерот информира дека се завршени и градежните работи на потегот од Извор до Врбјани заедно со тунелите кај Пресека.
Изградбата на автопатот Охрид-Кичево се одвива со одлична динамика. Силно сме посветени заедно со изведувачот и надзорот и согласно зададениот рок ќе го завршиме целосно, изјави во Охрид заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
-Изведбата на автопатот оди со одлична динамика и морам да кажам дека сите се ангажирани и изведувачите и надзорот. Навистина прават одлична работа и се повеќе и јавноста може тоа да го види, така што остануваме на она што го ветивме, а тоа е согласно роковите, до крајот на мај месец да имаме не само целосно пуштен автопат, туку и автопат со сите потребни документи, нешто што, за жал, не сме го гледале често во минатото- вели Николоски.
Тој потврди дека се завршени и градежните работи на потегот од Извор до Врбјани заедно со тунелите кај Пресека.
– Од друга страна, оној најтежок дел, што оди од селото Извор -кичевско до селото Врбјани во Дебарца, очекувам во следните неколку недели да биде ставен во функција. Таму градежните работи се целосно завршени, што може да се види и со голо око. Пробиен е тунелот, двете тунелски цевки се пробиени, едната е во должина од 2.100 метри, втората е во должина од 1.990 метри и се работи за најдолги тунелски цевки во Македонија. Исто така четирите галерии што се на овој дел се завршени. Завршен е и целосно трупот на патот, мостовите, вијадуктите, така што од градежен аспект целокупната работа е завршена – рече Николоски.
Тој информира дека на овој потег од автопатот се спроведува најновата европска директива за безбедност во сообраќај, особено во тунели.
– Се прават сите потребни тестирања со цел да имаме највисоко ниво на безбедност во рамки на тунелот. И ова ќе е првпат оваа европска директива да биде применета не само во Македонија, туку во целиот регион и во таа насока во моментов се случуваат тестирањата – рече Николоски.