ДРЖАВАТА ГИ ВРАЌА КРЕДИТИТЕ, СО ЈАВНИТЕ ПАРИ МОРА ДА СЕ УПРАВУВА ОДГОВОРНО Димитриеска-Кочоска апелира економските дебати да се засноваат врз факти
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска потенцира дека следната година сервисирањето на обврските по основ на јавниот долг не може да се третира како избор, туку како неопходна обврска за зачувување на финансиската стабилност и довербата во државата.
Одговорното управување со јавните финансии подразбира исполнување на законските обврски кон граѓаните, редовно сервисирање на јавниот долг, внимателно планирање на расходите и создавање простор за инвестиции и економски развој, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување на ТВ Алфа.
Taa се осврна на Буџетот за 2027 година, фискалната консолидација, јавниот долг и предизвиците што ги носи неизвесното меѓународно економско опкружување.
Министерката потенцира дека следната година сервисирањето на обврските по основ на јавниот долг не може да се третира како избор, туку како неопходна обврска за зачувување на финансиската стабилност и довербата во државата.
– Секој од нас може да се стави во ситуација во која има обврска кон банка и треба редовно да ја сервисира. Кај граѓаните банките имаат некоја толеранција, ќе почнат да се јавуваат. Но, кога станува збор за државата, тука толеранција нема. И ниту еден одговорен политичар, особено министер за финансии, не смее да помислува дека тука може да се игра – истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека непочитувањето на обврските може да има сериозни последици врз кредитниот рејтинг и условите за идно задолжување.
– Покрај тоа што значи влошување на кредитниот рејтинг, па каматните стапки растат и така натаму, може да значи и нешто многу пострашно, а тоа е, не дај Боже, како принудна управа, да се вмешаат веќе и Меѓународниот монетарен фонд и други меѓународни институции – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека прашањето не е само колку средства се позајмени, туку и за што се искористени. Во таа насока, министерката направи разлика меѓу задолжувањата што денес треба да се сервисираат и новите задолжувања зад кои стојат конкретни проекти и инвестиции.
– Тоа е таа огромна разлика помеѓу долговите кои што јас сега морам да ги вратам, ми тежат, а треба да ги вратам и морам да бидам одговорна и во однос на тоа што можеби некој во иднина ќе враќа долгови, но треба да знаеме зошто ги враќа – рече таа.
Осврнувајќи се на условите на меѓународните финансиски пазари, Димитриеска-Кочоска посочи дека во овој момент не може со сигурност да се предвиди движењето на каматните стапки, имајќи ги предвид глобалните економски и геополитички случувања.
Рече дека потребите за финансирање на европските земји, зголемените издвојувања за одбраната и за вооружување создаваат дополнителен притисок врз финансиските пазари.
Осврнувајќи се на критиките на опозицијата поврзани со промените во податоците за бруто-домашниот производ и нивното влијание врз показателите за буџетскиот дефицит и јавниот долг, министерката појасни дека Министерството за финансии ги користи официјалните податоци на Државниот завод за статистика и постапува согласно утврдената методологија.
Таа потсети дека бенчмарк ревизијата на податоците за БДП била најавена уште на 18 април 2024 година, пред промената на власта, преку официјално соопштение на Државниот завод за статистика.
– Ние ниту ги продуцираме тие податоци, ниту ја правиме ревизијата, ниту имаме каква било надлежност. Единствено, овие два показатели се ставаат во сооднос со бруто-домашниот производ, колкава е, така се пресметува – рече таа.
Министерката истакна дека Министерството за финансии не ја менувало методологијата и дека критиките треба да се засноваат врз познавање на институционалните надлежности и официјалните податоци.
– Доколку ние измениме нешто, е тогаш може да кажуваат и да викаат дека ние не сме транспарентни. Меѓутоа, ние такво нешто не сме направиле. Ние податоците ги повлекуваме од Државниот завод за статистика – кажа министерката.
Таа упати порака за поголема професионалност и одговорност во јавната економска дебата.
– Од економистите и од луѓето кои имаат професионален кредибилитет очекувам да ги држат работите на ниво на факти, аргументи и професионалност. Но, за жал, очигледно некои луѓе се решени повеќе политички да си ги презентираат работите и не се држат до нивната професионалност – рече Димитриеска-Кочоска.
Нагласи дека јавната дебата за економските прашања треба да се води врз основа на проверливи податоци, стручност и почитување на институционалните надлежности, а целта на Владата останува постепено намалување на буџетскиот дефицит, одржување на јавниот долг во рамките на фискалните правила и обезбедување стабилни јавни финансии.