Полошо од фрустрирано малцинство е само фрустрирано мнозинство
И, како што, според Бадинтер, 50% од немакедонците треба да гласаат за нешто што ги засега да помине во Собранието, можеби е време да размислиме дека и 50% од Македонците треба да гласаат за она што задира во нивните права за да се усвои.
Драги соседи и пријатели Албанци, изгледа дека сум непоправлив оптимист и верувам во здрав разум. А, здравиот разум, бездруго, вели дека не може белец да кажува дали Црнците имаат доволно права, не може мажите да кажуваат каква е положбата на жените во една општество и не може сите други да кажуваат како им е на Македонците, кога се чепка во тоа што ги засега само нив како етникум.
Кај нас имало обратни ситуации: мнозинството Македонци, да речеме, им кажувало на Албанците што е добро за нив. Таа ситуација од 90-тите кулминира со 2001 г. Дури и Македонците како мнозинство да имале право во 90-тите, кога наметнуваш нешто, создаваш фрустрирано малцинство, со чувство дека нивните колективни права не се земени предвид, и тогаш тоа ќе се излее како незадоволство.
Сега е обратно, сега на Македонците им се кажува што е добро за нив и друг одлучува дали франускиот предлог е прифатлив и нема да го подрие јадрото кај македонскиот етникум. А, знаете дека полошо од фрустрирано малцинство е само фрустрирано мнозинство. И, како што, според Бадинтер, 50% од немакедонците треба да гласаат за нешто што ги засега да помине во Собранието, можеби е време да размислиме дека и 50% од Македонците треба да гласаат за она што задира во нивните права за да се усвои.
Албанците во Македонија најдобро треба да знаат колку е лошо кога некој друг одлучува за нив и ги мајоризира. И, затоа, во оваа ситуација треба да покажат солидарност и да не дозволат да бидат алатката со која ќе се мајоризира македонското мнозинство. Ете, ако го преживеале тоа и ако не е добро, сега нека не го прават она што велат дека не им се допаѓало.
Ако за Преспа сето тоа и имаше делумна смисла, зашто името е на нашата заедничка држава, со францускиот предлог тоа веќе нема смисла, зашто се чепка само во она што го носи како обележје македонската етничка заедница.
Ова е мој повик до моите соседи и пријатели Албанци: не правете го она што не сакате да ви го прават. Не влегувајте во агендата на дневната политика, не бидете тегот што ќе превагне за да се надгласаат Македонците во тоа што ги боли. Не дозволувајте да бидете искористени и да придонесете долго граденото сожителство да се разниша, зашто фрустрацијата на мнозинството ќе порасне и ќе мислат дека со ваша помош се разнебитува.
Знам дека албанските политичари нема да ме послушаат. Ама, ако моите соседи и пријатели го сфатат ова, тоа ми е повеќе од доволно. Барем ќе знам дека македонските и албанските политичари здружно (и еднодушно) работат против својот народ.