НЕКОМУ ЌЕ СВЕТИ, А НА ДРУГИ ЌЕ ИМ ТРЕПКА Претстои нов струен удар за буџетот на домаќинствата

Владата најавува дека зголемувањето на цената ќе биде околу 10 отсто и најавува субвенции за најзагрозените категории граѓани, а опозицијата обвинува дека новиот ценовен шок дополнително ќе осиромаши голем број граѓани зашто платите не го следат растот на трошоците на живот.

1,267

Нов удар по буџетот на граѓаните се навестува од 1 јули по утврдувањето на новата цена на струјата и новите зголемувања на цените на производите поради високите берзански цени на електричната енергија и на нафтата за компаниите. Најавите се дека, ако не летово, со почетокот на грејната сезона најголемиот дел од граѓаните драстично ќе го почувствуваат скокот на сметките бидејќи греењето на струја според новиот тарифен систем на пресметки ќе значи и многу повисока сметка од порано. Што ги очекува граѓаните од Нова година кога повторно ќе се менува цената на струјата, не може да се каже со сигурност, бидејќи состојбите и цените се менуваат дневно.

Владата најавува дека зголемувањето на цената ќе биде околу 10 отсто и ветува субвенции за најзагрозените категории граѓани, а опозицијата обвинува дека новиот ценовен шок дополнително ќе осиромаши голем број граѓани зашто платите не го следат растот на трошоците на живот.






Експертите предупредуваат дека и покрај желбата да се задржи социјалната страна на цената на струјата, може да се наштети на домашното производство на електрична енергија што ќе значи и зголемен увоз на овој енергенс.

Најавите се дека за сите струјата ќе поскапи меѓу 10 и 15 отсто бидејќи сите енергетски компании кои учествуваат во формирањето на цената побараа повисока цена поради трошоците. Деновиве Регулаторната комисија ќе одлучи за колку проценти ќе поскапи струјата иако за граѓаните сè уште е неизвесно колкави ќе бидат границите по блок-тарифите и според тоа какви сметки ќе плаќаат во следните месеци.

Граѓаните стравуваат од она што ги чека и веќе се преориентираат на греење на дрва како најевтина варијанта во сегашната кризна состојба со обезбедување енергенси.

– Не ме прашувајте за цената на струјата. Ниту знам како ќе се пресметува, ниту пак во која тарифа ќе влезам, но знам дека ќе треба да плаќам многу повеќе од другите кои ќе бидат во истата тарифа, бидејќи ние три семејства сме на едно броило. Размислуваме за делење на повеќе броила или за пренамена на греењето. Изгледа второво ќе ни се исплати повеќе бидејќи секако струјата ќе биде скапа, а приклучувањето на повеќе уреди и греењето ќе нè стават во највисоката тарифа. – вели Марко од Ѓорче Петров.

Тој вели и дека треба да се планира дека ќе има повисоки цени и на други производи кои поради секојдневниот скок на цените на струјата и на горивата на берзите ги зголемуваат трошоците на компаниите од прехранбениот и другите сектори.

– Веќе научивме да штедиме, но нема на што да се штеди. Купуваме понеквалитетна и количински помалку храна, но затоа пак ќе плаќаме двапати за иста работа или за лекови. Немаме избор, бидејќи никој не размислува во сета оваа бркотница со цените, дека и цената на трудот треба да биде повисока. Но, тука секој крати, а никој не додава. Значи кога говориме за струјата секому според џебот. На едни ќе им свети, а на другите само ќе им трепка струја – вели тој.

Енергетски експерти тврдат дека струјата треба да поскапи повеќе од она што го бара ЕСМ како домашен производител кој треба да обезбеди 100 отсто од потребите за струја на домаќинствата и на малите фирми, бидејќи производната цена на струјата со оглед на цената на увезениот јаглен и мазут е повисока и уште ќе расте. Конечното поскапување на цената сепак, како што велат експертите, ќе биде одлука на РКЕ, но со амин на владата која треба да ја плати разликата на производната и бараната цена од страна на ЕСМ.

– Колку Регулаторна ќе добие дозвола да ги зголеми цените за да удри по стандардот на граѓаните, тука е веќе на потег Владата. Ние како држава за да го заштитиме стандардот на граѓаните даваме толку пари, ЕСМ ќе продава на ЕВН Хоме по 48 евра. Оние другите до 60 евра, 12 евра ние ќе му ги покриеме на Електростопанство – вели професорот Константин Димитров во изјава за ТВ Алфа.

Тој бара јавно да се каже производната цена на државните електрани за да се види дали тие работат добро и рентабилно или пак трошат енормно, додека чекаат државна помош.

ЕСМ, пак, информира дека го зголеми планот за производство за 20 отсто за оваа година со цел да одговори па потребите на ЕВН Хоме, односно на домаќинствата и малите фирми.

– Дополнителните потреби на ЕВН Хоме и на ЕВН Електродистрибуција ќе ги задоволиме со дополнителна набавка на јаглен за зголемување на производството од термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“, како и обезбедување доволни количини мазут за работа на ТЕЦ „Неготино“ – информираа од компанијата која тврди дека ќе произведе 100 отсто домашна струја за потребите на тендерот на ЕВН Хоме.

Владата зема и кредит за ликвидност на ЕСМ од ЕБОР во износ од 100 милиони евра.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека народот ќе плаќа поскапа струја затоа што власта го уништи РЕК, и го намали домашното производство на струја. Оттаму сметаат дека глави причини за растот на цената на струјата се тендерите во 4 очи во РЕК Битола, негрижата и отсуството на модернизација на енергетските капацитети, хавариите кои се случија изминативе 5 годиникако и празнењето на вештачките акумулации.

-Наместо целосно исправни и ремонтирани производни капацитети со навремен и доволен ископ на јаглен, Владата на СДСМ  само за пет години успеа да го уништи РЕК Битола во целост. Без правилно и навремено одржување и модернизација, со чести хаварии и пожари во блоковите, со поплавени рудници и тендери во четири очи, без нови наоѓалишта и откопи на јаглен јасно е дека ЕЛЕМ секоја година ќе произведува сẻ помалку и помалку електрична енергија. Исто така, потсетуваме на непланското користење на водата од нашите акумулациите на хидроцентралите, додека СДСМ се фалеше дека продавале струја на берзите и оствариле профит, но за жал  кога цената на берзата е најниска во летните периоди – изјави денеска Стевче Антовски, член на комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат дека стопанство во државата е на колена, а најавеното ново покачување на струјата додатно ќе ја ослабе и така урнисаната економија во државата.

– Секој ден стотици граѓани остануваат без работа, а над 450 илјади луѓе живеат на раб на сиромаштија. Додека кризата го јаде стандардот на граѓаните, власта останува глува на барањата на работниците за зголемување на платите – додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека ќе продолжи субвенционирањето на сметките за струја на одредена категорија граѓани и на фирми.

„Во услови на енергетска криза, како одговорна Влада, секогаш им излегуваме во пресрет на граѓаните, така и ќе продолжиме во иднина. Со мерките што досега ги презема Владата, надоместивме 80 отсто од фактурите за струја за домаќинствата и над 60.000 компании беа покриени од Владата. Во оваа насока ќе продолжиме и понатаму сè со цел да ги заштитиме граѓаните од ценовни шокови“, напиша тој на Фејсбук.

Поврзани содржини