КОВАЧЕВСКИ НЕ ТРЕБА ДА ОДИ ВО БРИСЕЛ САМО ЗА ДА СЕ СЛИКА Вакви понижувања од Бугарија не сме доживеале за 20 години преговори со Грција

Јас го советувам премиерот да не оди во Брисел. Пред неколку дена разговаравме на таа тема и мојот совет беше дека ако вака се одвиваат работите и ако Бугарите вчера доставиле пет нови барања, тогаш што бара премиерот таму само за да се слика? Замислете, самит ЕУ-Западен Балкан кога целиот регион, ние пред сè, не напредуваме, само да се сликаме, истакна претседателот Стево Пендаровски.

1,986

Јас го советувам премиерот Димитар Ковачевски да не оди на Самитот во Брисел само за да се слика и да ги трпи понижувањата од Бугарија, рече претседателот Стево Пендаровски во вечерашното гостување на ТВ24.

Според претседателот, Ковачевски нема што да бара таму, посебно што на вчерашниот состанок на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, бугарската страна изнела нови барања за симнување на ветото за Македонија.






– Јас го советувам премиерот да не оди во Брисел. Пред неколку дена разговаравме на таа тема и мојот совет беше дека ако вака се одвиваат работите и ако Бугарите вчера доставиле пет нови барања, тогаш што бара премиерот таму само за да се слика? Замислете, самит ЕУ-Западен Балкан кога целиот регион, ние пред сè, не напредуваме, само да се сликаме – рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека вакви понижувања и потценувања какви што сме имале во последниве две години од Бугарија не сме доживеале за 20 години преговори со Грција.

– Ние политичарите од мали држави честопати сме во ситуација да попуштаме, да потклекнеме, но мислам дека изминативе две години вакво национално тормозење од страна на Бугарија кон нас не сме имале во 20 години преговори со Грција – вели Пендаровски.

Тој го искоментира и денешното соопштение од Бугарската православна црква (БПЦ) дека ја признава МПЦ-ОА во канонското единство, но дека за името на црквата наскоро ќе се одлучува.

– Денеска ја видов одлуката на БПЦ дека ја признаваат црквата на Северна Македонија. Замислете дека безобразието оди до таму, да последната реченица од тоа кусо соопштение вели дека ќе размислиме околу дефинитивното име. Тие велат дека ја признаваат црквата во Северна Македонија, а за нејзиното име ќе размислиме во следниот период. Кои сте вие да размислувате? – порача Пендаровски.

Поврзани содржини