РИСТЕСКИ ВО МО БИЛ АНГАЖИРАН ЗА СТРУЧНИ МИСЛЕЊА Моите објави на социјалните мрежи не се предмет на договорот
Универзитетскиот професор Темелко Ристески упати демант до редакцијата на Плусинфо кој го објавуваме во целост:
„Ги демантирам наводите во вашата објава со наслов „УШТЕ КОЛКУ БОТОВИ ИМА ВО ИНСТИТУЦИИТЕ? ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност за случајот со професорот Ристески“.
Во Министерството за одбрана по договор бев ангажиран за стручни мислења од областа на правото и одбраната, но не и како што стои во вашата објава за „пишување партиски текстови“.
Предмет на овој договор се стручни совети, подготовка на стручни мислења, предлози на идејни и програмски решенија, предлози за измени и дополна на законската и подзаконската регулатива од областа на одбраната, учество во работни состаноци и слично.
Моите објави на социјалните мрежи не се предмет на овој договор. Во таа насока и исплатите на авторскиот хонорар не се однесуваат на овие текстови кои ги пишувам во слободно време на мојот личен Фејсбук профил.
Оттука и спорните делови на споменатиот месечен извештај не се предмет на овој договор и покрај фактот што се дел од извештајот.
Во мојата кариера посветено се борев против секаков тип на злопотреби на буџетските средства, тоа го правам сѐ уште и ќе продолжам со оваа борба и во иднина. Затоа апелирам моето име да не се користи од страна на претставниците на политичките партии заради стекнување на дневнополитички поени.
Ве молам содржината на овој демант да ја објавите во целост“, се наведува во демантот.