ВКУПНО 392 МИЛИОНИ ЕВРА ДОЛЖАТ ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ И ПРЕТПРИЈАТИЈА Долгот кон фирмите се искачи на 196,5 милиони евра

Според податоците на Министерството за финансии најмногу должат општините заедно со нивните јавни претпријатија, дури 136,9 милиони евра.

509

Институциите, општините и јавните претпријатија и трговски друштва во државна сопственост и од почетокот на годинава продолжуваат да трупаат долгови. За период од 3 месеци нивните долгови изнесуваат 392 милиони евра.

Според податоците на Министерството за финансии најмногу должат општините заедно со нивните јавни претпријатија, дури 136,9 милиони евра. Следат јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост со долг од 134 милиони евра, Јавни здравствени установи должат 85,7 милиони евра. Буџетските корисници од прва линија должат 11,66 милиони евра, а регулаторите близу 26.000 евра.






Најголем долг од 67,57 милиони евра кај јавните претпријатија има „Железници-транспорт“. По неа е „Железници-инфраструктура“ со долг од 23,34 милиони евра. ЕСМ меѓу државните компании има највисок долг од 16,93 милиони евра.

Од општините на врвот како должник и натаму е општина Тетово со долг од 13,57 милиони евра само  од администрацијата без долгот на јавните претпријатија, потоа општина Охрид со долг од 8,48 милиони евра и општина Гостивар која должи 6,49 милиони евра. Но, должат и другите општини и оние во состав на Град Скопје.

Државата и нејзините претпријатија и компании најмногу должат на приватен сектор, здруженија на граѓани и други непрофитни организации. Кон нив долгот изнесува 196, 5 милиони евра.

Неплатените обврски кон јавен сектор изнесуваат 168,7 милиони евра, кон физички лица 1,7 милиони евра а кон странство 24.866 евра.

Освен што им должат на компаниите за сработеното, државните институции, општините и нивните јавни претпријатија должат и за плати и придонеси на нивните вработени. Овој долг во првиот квартал изнесувал 5,5 милиони евра.

Дури 40,4 милиони евра е долгот за градежни објекти, а се должи покрај другото и за купени возила за кои се неплатени 1,2 милиони евра и за мебел за кој се должи 19.922 евра.

Поврзани содржини