ЧЕСТВУВАЊЕ ЗА ВЕЛИКАНОТ На гробот на Гоце Делчев ќе се поклони и бугарска делегација
Претседателот Стево Пендаровски по повод јубилејот од раѓањето на великанот, денеска ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.
Денеска се одбележува 150-годишниот јубилеј од раѓањето на великанот Гоце Делчев.
По тој повод предвидени се повеќе активности на македонскиот државен врв, а цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје ќе положат и делегации од Бугарија.
Претседателот Стево Пендаровски по повод јубилејот од раѓањето на великанот, денеска ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.
На пладне во НУ Музеј на македонската борба, претседателот Стево Пендаровски ќе ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-2022)“, што ја организира Државниот архив на Северна Македонија, а е под покровителство на шефот на државата.
Изложбата ги прикажува дејствувањето и улогата на Гоце Делчев како организатор на македонското револуционерно национално – ослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век, односно како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација. Авторите на изложбата, користејќи богата архивска документација, го опфаќаат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, низ неговите преписки, сведоштва и погледи кон неговото дело од соборци, потоа патот на неговите мошти од с. Баница преку Софија до главниот град на современата македонска држава, Скопје. На јавноста ќе ѝ бидат претставени и материјали што ги оставиле потомците на Гоце Делчев за чествувањето на неговото име и дело во времињата што доаѓаат.
Делегација од Кабинетот на претседателот исто така ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје, како и на споменикот на Гоце Делчев на Плоштад „Македонија“ во Скопје.
По повод јубилејот од раѓањето на Делчев, Владата со свои претставници ќе организира и ќе биде вклучена во неколку свечени настани и одбележувања.
На свеченостите ќе учествува и бугарска делегација која ќе ја предводи шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска.Таа ќе положи цвеќе на централната свеченост по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, заедно со македонската министерка за култура Бисера Костадинова Стојчевска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
Во состав на бугарската делегација, како што потврдија за МИА од бугарското МНР, ќе бидат и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова и претседателот на парламентарната комисија за култура Тошко Јорданов.
Владината делегација на положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, ќе ја предводи првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, а во нејзин состав ќе бидат министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.
Владина делегација составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и советникот на премиерот Едмонд Адеми ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во градскиот парк во Скопје, а потоа и на споменикот на Гоце Делчев на Плоштадот Македонија во Скопје.
Во Музејот на македонската борба, напладне, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе присуствува на свеченото отворање на изложбата по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, организирана од Државниот архив на Северна Македонија и под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија.
Делегација на Собранието, предводена од Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, во состав Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска, ќе положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера во интервју „Канал 5“ рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во текот на утрешниот ден по повод 150-години од раѓањето на Гоце Делчев во македонското Собрание ќе поднесе Декларација што ќе ги исцрта позициите по прашањето за Гоце Делчев.
Прес-службата на бугарската Влада, пак, вчера соопшти дека премиерот на Бугарија Кирил Петков денеска ќе положи венец пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија, по повод 150-годишнината од неговото раѓање.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, заедно со бугарскиот премиер Петков ќе биде и в.д. амбасадорот на Северна Македонија во Бугарија Владимир Крстевски.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава.
Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.