800 ДЕЦА НА ЛИСТА НА ЧЕКАЊЕ Општина Аеродром ќе добие 3 нови градинки
До крајот на мандатот бројот на изградени градинки ќе достигне до пет, најави градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски.
Годинава е предвидено да се изградат три градинки во Долно Лисиче, Мичурин и во Стар Аеродром, а до крајот на мандатот бројот на изградени градинки ќе достигне до пет, најави градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски.
– Оваа година почнуваме со инвестиција во три нови градинки и тоа во Долно Лисиче, Мичурин, Стар Аеродром. И сакаме во текот на следната година да почнеме со уште една локација во Лисиче. И јас сум тука, искрено ќе ви кажам, амбициозен и верувам дека до крајот на мандатот иако во кампања ветивме четири нови градинки, ќе најдеме начини и петта градинка да имаме. Но, тука ќе треба внимателно демографски да видиме каде таа идеално би ја ставиле. Во овој момент сѐ уште размислуваме за локација – рече Муцунски.
Тој нагласи дека жителите на Лисиче се соочуваат со нерешени одредени имотно-правни односи, поради што прво ќе мора да се донесат ДУП-овите за да се решат овие проблеми, како и дека во тој дел од општината се предвидени над 800.000 евра за инфраструктурни проекти.
– Мораме да донесеме ДУП-ови за Горно и за Долно Лисиче. Тоа ни е приоритет за оваа година. Имаме одредени планирани инвестиции во делот на разгледување на подобри услови од гледна точка на јавните работи, игралишта, сакаме од оваа година да го почнеме процесот за изградба на спортскиот центар „Пирин“ во населбата Лисиче. Имаме планирано доста средства кои се наши, но исто така и средства кои што ги добиваме од одредени меѓународни организации како Светската Банка во делот на инфраструктурата во населба Лисиче, Долно Лисиче. Имаме многу прашања кои што треба да се решат, таму се примарно инфраструктурни, таму се имотно-правни аспекти, да го забрзаме процесот на легализација на имот, имаме сериозни амбиции за тој дел од општината – вели тој.
Околу 800 деца чекаат за престој во градинка во Општина Аеродром.