НАПАДОТ ВРЗ ЛЕКАР ДА БИДЕ НАПАД ВРЗ СЛУЖБЕНО ЛИЦЕ Лекарската комора бара итни измени во Кривичниот законик
Ние подолго време лобираме и активно сме вклучени во измени на законската регулатива со кои нападот на здравствен работник на работното место ќе се смета за напад на службено лице за што Јавното обвинителство ќе покренува кривична пријавата по службена должност и за што ќе има кривична одговорност, соопшти Лекарската комора.
Лекар кој се чувствува небезбедено на работното место не може да биде максимално ефикасен во извршувањето на работите обврски, реагираше Лекарската комора, осудувајќи го инцидентот во кој пациент физички нападна лекар во Општата болница во Охрид.
Од Лекарската комора сметаат дека решението за спречување на ваквите инциденти лежи во носење измени во Кривичниот законик со кои нападот на здравствен работник на работното место ќе се смета за напад на службено лице.
„Го осудуваме инцидентот во кој пациент физички нападна лекар на работното место во Општата болница во Охрид. Искажуваме поддршка за нападнатата колешка и благодараност до оние кои реагирале здраворазумно и спречиле поголем инцидент. Во услови на пандемија која трае веќе речиси две години лекарите секојдневно се наоѓаат под притисок да одговорат на потребите на зголемениот број пациенти, а заканите, како и физичките и вербални напади само го отежнуваат пружањето на здравствена услуга и негативно влијаат на нејзиниот квалитет. Исто така, лекар кој се чувствува небезбедено на работното место не може да биде максимално ефикасен во извршувањето на работите обврски. Лекарите и пациенти имаат иста заедничка цел, а тоа обезбедување на квалитетна здравствена заштита, што може да се постигне преку заедничко делување и соработка. Насилството врз здравствените работници стана понагласен проблем. Решение за овој предизвик веруваме дека може да се побара во побрзо носење на измените на Кривичниот законик. Ние подолго време лобираме и активно сме вклучени во измени на законската регулатива со кои нападот на здравствен работник на работното место ќе се смета за напад на службено лице за што Јавното обвинителство ќе покренува кривична пријавата по службена должност и за што ќе има кривична одговорност“, соопшти Лекарската комора.
За ова да стапи на сила, наведуваат оттаму, се направија измени на Законот за здравствена заштита кои се веќе донесени, како и измени на Кривичниот законик, кои се во собраниска процедура на носење.
„Апелираме пратениците во Собранието што побрзо да ги разгледаат и да ги донесат овие законски измени, кои веруваме дека ќе испратат порака дека насилството не ги решава проблемите, туку само дополнително ги комплицира, поради што во случај на спор треба да се бараат системски решенија. Лекарската комора останува отворена за своите членови да ги пријавуваат инцидентите со кои се соочуваат и да пружа помош и поддршка во нивното разрешување согласно нејзините надлежности“, наведено е во соопштението.